Александар Спасовски: Љубчо пред гол со пета

Љубчо наeднаш стана главен играч во опозицијата. Вплеткувањето на Шиповиќ во наводен криминал тежок милион евра од Љубчо направи човек кој ќе ги влече конците на Бихаќка во наредните неколку месеци. Бар се додека Заев е решен да ја држи власта во општина Центар.

Доколку Шиповиќ остатокот од мандатот биде приморан да го помине во Идризово, советничката листа во општината која ја состави Бранко вели дека на негово место треба да дојде кадар од ВМРО-Народна. Наеднаш Љубчо е пред предизвикот, гол со пета на Заев или добар пазар со струмичкиот градоначлник.
Дали ќе бида неколку парцели за згради (што во Центар што во Струмица) или пак можеби некој од тендерите, останува да видиме, но јасно е дека Љубчо е човекот без кој СДСМ може да загуби четвртина од локалната власт со која располага во земјава.

Интересно е што Заев уште додека се селеа сликите од канцеларијата на Црвенковски на сопартијците им рекол дека се што дошло од десно, мора да се извади од коалицијата. Тоа значи дека Стојанче, Љубчо и ако остана уште некој од кај Љубе треба да почнат да си ги пакуваат куферите и да си бараат друг политички пазар.

Според она што го знам, на сите им било кажано дека е време да се каже збогум но и дека разделбата треба да биде тивка и без многу солзи. Договорот бил да си одат еден по еден за да не остане впечатокот дека Заев ја губи поддршката. Актуелниот лидер на СДСМ рекол дека не сака да пресметува со калкулаторот на Црвенковски и дека десничарските партии му носат повеќе штета отколку гласови. Увидел дека математиката дома и математиката на пазар секогаш е различна.

И човекот е во право, особено ако се земат резултатите од полседните локални избори кога сите заедно во коалиција освоија 150.000 гласови помалку од директниот конкурент, иако во 2011 кога трчаа секој во своја стаза, заеднички, имаа повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ и неговата коалиција.

Му иде математика на Заев, но во политиката, очигледно му фали искуство, но мора да се признае, го бие и опасен малер.

Не можел Заев да претпостави дека еден ден, на советникот на Љубчо ќе му виси власта во Центар и дека ќе мора да се пазари со човекот кој живее од трговија.

Да, Љубчо не е од вчера. Ако може да го контролира тој советник, тогаш добро знае, што може да очекува од пазарот со Заев. Свесен е дека е премногу потрошен за да биде претседателски кандидат, но на евентуални предвремени парламентарни избори, може да испазари најмалку 4 добитни пратеници, а во меѓувреме, ќе падне и некој бизнис на локално ниво.

Затоа, сега Заев ќе мора да вади се што има од членство на улица. Не се исклучува можноста на протестите да се иссценира насилство, луѓе да скокаат врз полицијата и да гледаме реприза од оскаровецот на Велија. Заев сега протестира за да ја спаси општина Центар. Да ја спаси од власт на ВМРО-ДПМНЕ но и од пазар со ВМРО-Народна.

Александар Спасовски, новинар

14.10.2013 - 10:54