Им се оствари желбата на жителите на Бутел - поставен камен темелник на црквата Св. Јован Крстител
Во скопската населба Бутел денеска беше поставен камен-темелник на новата црква Св. Јован Крстител која започнува да се гради. Црквата ќе биде лоцирана на местото на ракометното игралиште на некогашниот клуб „Бутел“, а ќе се простира на 1.000 метри квадратни.
- Овој ден е ден за историја, бидејќи започнуваме дело кое ќе ја продолжи градителската традиција на нашите простори. Денес започнуваме дас градиме објект што ќе биде украс на овој дел од Скопје. Започнуваме градба што ќе биде дом за сите богољубиви куќи и срца. Започнуваме да градиме Дом божји, истакна Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан денеска на поставувањето на камен-темелник, пренесе Курир.
И градоначалникот на општината Бутен, денеска истакна дека со изградбата на храмот ќе се исполни долгогодишната желба на жителите од општината.
-Денеска започнува да ви се остварува дамнешната желба- изградба на црквата „Св. Јован“. Изградбата на овој свет објект е со одобрение за градба. Направени се сите законски прописи, почнувајќи од доделувањето на земјиштето на МПЦ, елаборати, проекти и се до последната пречка- обештетување на едно семејство кое што живееше во непосредна близина. Ова го потенцирам, бидејќи јас како градоначалник и општината Бутел секогаш ќе биде отворена за да се гради за своите сограѓани, истакна градоначалникот Петре Латиновски пред бутелчани, пренесе Курир.