Трамп и Макрон во Белата куќа, тензии околу Украина и иднината на трансатлантските односи
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп и претседателот на Франција Емануел Макрон се сретнаа денес во Белата куќа во Вашингтон, во момент на длабока неизвесност за иднината на трансатлантските односи, додека Трамп ја трансформира американската надворешна политика и настојува брзо да ја заврши војната во Украина, при што ги исклучува европските лидери од преговорите.
Двајцата лидери го почнаа денот со заедничко учество на виртуелна средба на шефовите на Групата седум најбогати западни економии за војната во Украина. Во Г7 се и Канада, Германија, Италија, Јапонија и Британија.
Макрон изјави дека планира да му каже на Трамп дека во заеднички интерес на САД и Европа е да не покажат слабост пред рускиот претседател Владимир Путин за време на преговорите кои ги предводи Вашингтон. Тој навести и дека ќе истакне дека односот на Трамп кон Путин може да има значителни последици на американските односи со Кина, главниот економски и воен конкурент на САД.
Состанокот во белата куќа се одржува на денот на третата годишнина од почетокот на конфликтот во Украина.
Трамп во четврток ќе има уште една клучна средба со европски лидер – британскиот премиер Кир Стармер.
Посетите на Макрон и Стармер доаѓаат по изјавите на Трамп кои ја вознемирија Европската Унија, вклучувајќи ги неговите остри критики за украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп му замери на Зеленски за тоа што не преговарал за крај на војната и што одбил да го потпише договорот со кој Украина би им дала на САД пристап до ретките руди во замена за американската помош. Тие руди САД можат да ги користат во авионската, вселенската, медицинската и технолошката индустрија.
Европските лидери се вџашени од одлуката на Трамп своите главни советници да ги испрати на подготвителни разговори со руските функционери во Саудиска Арабија, без присуство на украински или европски претставници.
Се очекува уште еден судир во Обединетите нации, каде ќе се разгледува американскиот предлог за резолуција за Украина, спротивставен на предлогот на ЕУ и Украина кој бара итно повлекување на руските сили од таа земја.
Трамп претходно изрази желба Русија да се врати во групата најразвиени индустриски земји, од која беше исфрлена во 2014 година по анексијата на Крим. Тој ги отфрли жалбите на Зеленски за невклучувањето на Киев во почетните американско-руски разговори во Ријад, оценувајќи дека Зеленски преговарал „без какви било адути“ и дека „им се смачил на луѓето“.
Изјавата на Трамп дека Путин „можел да ја земе цела Украина ако сакал“ предизвика загриженост меѓу дипломатите. Роберт Вуд, поранешен американски дипломат кој служел во републикански и демократски администрации, предупреди дека „оваа стратегија нема да им донесе корист ни на САД ни на нивните сојузници“.
Покрај Украина, Трамп има и други територијални барања – вклучувајќи ги Гренланд, делови од Канада, Газа и Панамскиот канал.
Само еден месец по почнувањето на својот втор мандат, Трамп значително ја смени глобалната дипломатска сцена, предизвикувајќи страв дека САД би можеле да се откажат од принципите на кои се засновани Обединетите нации и други меѓународни тела.
И покрај некои предизвици, американската воена, економска и морална моќ доминираше со глобалната политика од Втората светска војна, особено по крајот на Студената војна и распадот на Советскиот сојуз, оценува Асошиејтед прес. Меѓутоа, многумина стравуваат дека политиката на Трамп би можела да ја загрози таа доминација и да ја промени улогата на САД на меѓународната сцена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа