ВМРО-ДПМНЕ им го честита 11 Октомври на сите Македонци

ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честита 11 Октомври.

- Денес се поклонуваме пред храброста и жртвата на храбрите синови на Македонија кои  пред  72 години ја започнаа борбата за конечно ослободување на нашата заедничка татковина. Тогаш тие ја продолжија вековната битка на генерации херои од Македонија кои ги положуваа своите животи пред олтарот на слободата. Нивниот сон, стана јаве и ние денес го живееме, се вели во честитката од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека денес го славиме нивното дело и саможртва и се присетуваме на македонскиот непокор кој и во најтешките мигови од нашата историја не не напуштил.

- Така било во минатото, така е и денес. Аманетот кој ни го оставија нашите предци од народноослободителната епопеја е жив оган кој до ден денес гори во секој од нас. Ние ќе го продолжиме нивното дело, овојпат под пораката да останеме сполтени и единствени кон остварување на вечните идеали за слободна, но и напредна Македонија. Ако заедно се бориме за нашата татковина, за нејзиниот просперитет, за националните и државни интереси ќе го оствариме во целост стремежот на сите оние кои ги жртвуваа своите животи за нашата слобода, стои во честитката од ВМРО-ДПМНЕ. 

11.10.2013 - 12:31

најчитано сега