Аналитичарите согласни: Не е прашање кој ќе победи на изборите – прашање е кој ќе успее да формира Влада

Тесното водство на ВМРО-ДПМНЕ во последната анкета објавена во Детектор не дава јасна слика за тоа кој ќе ја предводи идната Влада. Аналитичарите Сефер Селими и Сашо Клековски се согласни дека најважно од се е кој ќе успее да формира мнозинство.
Селими се сомнева во коалициониот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Гледаме дека кај етничките Албанци ВМРО-ДПМНЕ котира со нула проценти доверба во партијата. Тоа би било премногу тешко за секоја албанска политичка партија да се нафати да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ дури и ако тие победат на избори“ – вели Селими за Дететктор.
Според него, владеењето на Груевски создало антагонизам кај албанското гласачко тело.

„Прво и основно ВМРО-ДПМНЕ уште не е јавно оградено од поранешниот лидер на партијата, дури го има и како почесен претседател. Се уште голем дел од Албанците па и другите граѓани имаат сомнеж дека тој се уште е во раководството и ја контролира партијата“ – вели Селими.

Клековски вели дека трендот на расположението на граѓаните најавува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на идните избори, но тоа не значи дека ќе ја преземе власта, исто како што ја загуби во 2016 и покрај тоа што освои најголем број на пратеници.

 

„За мене не е прашањето кој ќе победи на следните избори. Ако ништо не се смени мислам дека трендот е јасен дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има повеќе пратеници од СДСМ исто како што имаше и во 2016 година. Значи не е прашањето кој ќе има повеќе пратеници, туку кој ќе биде способен да формира функционална коалиција и да обезбеди повеќе од 61 или можеби уште поголемо мнозинство за да има еден стабилен четири годишен мандат. Затоа за мене клучно прашање е дали СДСМ ќе успее да ги придобива Албанците на своја страна, особено ако не испорача на полето на евроатланските интеграции. Значи може да се случат двојни киксови.

Не заради нас, заради проблеми во НАТО и ЕУ. Датумот за НАТО да се одложи, да не се стигне да се ратификува во некој од националните парламенти, а датумот за ЕУ да се одложи. Иако се надевам дека тоа нема да се случи ни со НАТО ни со ЕУ, но тоа се варијабли кои може да влијаат“ – вели Клековски во Детектор.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.09.2019 - 17:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега