Почнува фестивалот „Скопје креатива“

 

Од денеска до 12. октомври во Универзалната сала ќе се одржува второто издание на фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива“. Фестивалот ќе понуди осум работилници, повеќе презентации, театарска претстава „Градот убав“ и концерти. Мотото на фестивалот е „Погледни подалеку“.

Отворањето ќе биде одбележано со презентација на првата македонска компјутерска игра „Освојувањата на Александар Велики“, дело на графичкиот дизајнер и аниматор Елена Попова, програмерот Сандра Николовска, а музиката е на Дуња Иванова.

Проектото е организиран од Град Скопје, Универзална сала и Соларис продукција од Скопје, и е дел од проектот „Платформа за развој на креативни индустрии“, што се реализира цела 2013 година.

Фестивалот е поделен во три дела, едукативен, изложбен и забавен. Во едукативниот дел или на работилниците ќе се создаваат производи кои ќе бидат презентирани на последниот дел од фестивалот. Експо или изложбениот дел има за цел да промовира иновации и креативни производи. Дел од нив се  „Замрзнувачко шише“, иновација на Зоран Мијаков од компанијата „Фригомонт“, а ќе бидат презентирани дизајн на огледала од вулкански масиви во изведба на компанијата „Гоговски“, уникатни парчиња дизајнерски мебел на две македонски компании „Смарт ливинг“ и  креативното студио „БТС Арт фактори“, нови дизајни на „Велосипеди по мерка“ на компанијата „Драгон Кастм“, креативни производи на уметникот Зоран Тошевски и скулпторот Александар Ефтимовски...

Студентите од Архитектонскиот факултет во рамки на фестивалот, изработуваат уникатен дизајн на позната фонтана пред Универзална сала. Нивниот проект е „Метаморфози“.

Последниот фестивалски ден, 12 октомври, е резервиран за базар, на кој македонски креативци-индивидуалци ќе презентираат рачно изработени дизајнирани уникати. Влезот за посетителите е бесплатен.

10.10.2013 - 10:20

најчитано сега