Спасовски: Имаме цврста политичка волја за интензивна и континуирана борба против организираниот криминал

„Модерниот свет нема никаква дилема дека транснационалниот организиран криминал е реална, објективна закана,  со огромен потенцијал да предизвика сериозни - како национални, така и пошироки, глобални безбедносни импликации. Дотолку повеќе што организираниот криминал, кој што по својата природа на делување не познава никакви граници, има евидентни коруптивни елементи  кои, пак, имаат моќ да ги девастираат институциите на системот, да ја поткопаат довербата во нив, па дури и целокупниот правен поредок на општеството“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на конефернцијата на тема: Организираниот криминал и корупцијата како глобални безбедносни закани „Вградени предизвици во еден глобален регион“ во организација и под покровителство на Програмата за алумни на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“  и Асоцијацијата на Алумни на Северна Македонија. 

Според Спасовски, долгорочни ефекти и резултати против оваа комплексна  безбедносна закана се можни само ако таа борба почива на заедничка нормативно и оперативно регулирана соработка и координација.  Особено што, според меѓународните искуства, организираните криминални групи се многу прилагодливи на брзите нормативни и техничко - технолошки промени и општествените трендови, злоупотребувајќи ги можностите што ги носи напредокот на општеството. 

„Имаме цврста политичка волја и развиена јавна свест за интензивна и континуирана борба против организираниот криминал и во овој контекст, со поддршка и соработка со меѓународните институции, работиме на развој на ефикасни правни стандарди и воспоставување на специјализирани институции за сузбивање на овој вид на криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа. Министерството за внатрешни работи, односно полицијата, е една од клучните алки во тој систем за сузбивање на организираниот криминал и справување со корупцијата. Всушност, полицијата, заедно со истражно-правосудните инстанци треба да се оној ненадминлив бедем способен во континуитет да ги заштитува правниот поредок, институциите и граѓаните од сите опасности на организираниот криминал и корупцијата“, порача Спасовски, додавајќи дека низата реформски зафати што се преземени во изминативе две години, почнувајќи од реформите во безбедносните служби, па сè до нормативните предлози во правосудната сфера имаат за цел не само да нè поместат од мртвата точка на која државата беше десетина години, туку истовремено да бидат силен замаец за натамошно продолжување на реформите во сите институции. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.08.2019 - 19:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега