Македонскиот конзул во Перу бара 360.000 долари оштета од локалната телевизија
Македонскиот почесен конзул Деан Атанасовски бара оштета од познатата ТВ „Фрекуенсија латина“ која емитувала прилог во кој посочила оти почесниот конзул претепал полицаец, пренесе Дневник.
Почесниот конзул од локалната телевизија бара 360.000 долари парична отштета од медиумот кој му го нарушил угледот. Пред да донесе одлука да поднесе тужба, конзулот најпрво писмено ги предупредил дека бара од нив „јавно извинување“, во спротивно, ќе треба да одговараат според прописите на перуанското казнено право.
- Дадоа сосема куса изјава дека „згрешиле во информирањето“, но тоа не е извинување како што треба, бидејќи, според законот, тоа треба да трае исто колку што траеше самиот прилог со кој ме навредија, односно наклеветија. Значи треба да се извинуваат три минути, што практично е нелогично за една телевизија, па затоа одам на суд , објаснува Атанасовски за „Дневник“.
Инаку, пред еден месец окалната телевизија „Фрекуенсија латина“ емитуваше прилог во кој македонскиот почесен конзул е обвинет за насилство и напад врз полицаец, а Атанасовски се бранеше дека сето тоа го предизвикал револтиран чувар на зградата во која е македонскиот конзулат за кого тој лично потпишал да се отпушти од работа.
- Работникот беше во работен однос кога ја даваше изјавата за новинарите, оти претходниот ден беше отпуштен од работа. Новинарот без основа вели дека јас „сум способен да удрам полицаец“, без докази, оти нема ниту снимка ниту запис од полицаецот дека навистина сум удрил некого. Исто така, новинарот тврди дека „сум полудел и сум го бутнал полицаецот во стаклената врата“ повторно без доказ ниту на аудио ниту на видеоснимка - пишува, меѓу другото, во писмото што Атанасовски го доставил до телевизијата.
Тужбата, која е веќе готова, ќе биде поднесена на 15 октомври.