Кондарко: Не обвинив никого за попречување на активностите за Избирачкиот список
Денеска претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, истакна дека во неговото вчерашно соопштение до медиумите не обвинил никого за попречување на активностите за Избирачкиот список.
- Не е точно дека мојата вчерашна реакција била испратена во името на ДИК, туку истата беше дадена во мое име, како претседател на ДИК што потоа во дел од медиумите, вклучувајќи го и јавниот сервис на МТВ беше коректно пренесена, стои во соопштението од Кондарко.
Кондарко вели дека тој не посочил дека некој ја опструира работата, туку дека потенцирал дека дури и да сака не би бил во можност на кој било начин да ја кочи работата, бидејќи членовите на ДИК од власта имаат мнозинство и во колективен орган како што е ДИК можат да иницираат свикување седници, расправи и да одлучуваат со мнозинство гласови, независно од ставот на претседателот на ДИК.
- Потенцирам дека во моментот ДИК преку експертите на ОБСЕ работи на прашања поврзани со проверката на Избирачкиот список. Ме радува што во реакцијата на колегите се потврдува дека Работната група за проверка на Избирачкиот список функционира, вели Кондарко.
Кондарко додава и дека Државниот завод за статистика се уште не ги има доставено податоците од редовното годишно ажурирање на Избирачкиот список од јули 2013 година за што истиот е се уште надлежен.