Одбраната бара ослободителни пресуди за обвинетите во „Ликвидација"

Денеска во Основниот суд Скопје 1 продолжи судењето за случајот „Ликвидација". Денеска се изрекуваат последните зборови во случајот во кој е обвинет и новинарот Томислав Кежаровски.

Како што пренесува порталот Телеграф.мк, Одбраната во своите завршни зборови побара судот обвинетите во „Ликвидација" да ги прогласи за невини, бидејќи не се докажало дека се сторители на кривичните дела. 

- Во недостиг на релевантни докази, Обвинителството се обиде преку една широка палета на разговори прибавени со посебни истражни мерки да го потврди делото кое му се става на товар на мојот клиент Валентин Зафировски. Сметам дека на еднопаушално обвинение логично е да се дадат и паушални завршни зборови и поради тоа барам судот да го ослободи од обвинение мојот клиент – истакна адвокатот Љубомир Михајловски Џанго во своите завршни зборови, пренесе Телеграф.

Исто така и адвокатот на новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски, во судот истакна дека неговиот клиент не го открил идентитетот на заштитениот сведок.

- Водејќи се од членот 16 од Уставот на Република Македонија, дека слободата на изразување е загарантирана, како и членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, сметам дека Судот треба да донесе ослободителна пресуда за Кежаровски – рече адвокатот Филип Медарски, пренесе Телеграф.

Од друга страна, денеска Јавното обвинителство предложи сите осуммина обвинети во случајот Ликвидација да добијат најстроги казни.

Во случајот Ликвидација осум лица се товарат за примање поткуп, злоупотреба на службената положба, неовластено оддавање информации и податоци за сведоците и соработниците на правдата, противзаконито посредување и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали. Обвинетите беа уапсени на 28 мај оваа година.

07.10.2013 - 14:48
Фото: 
Нова Македонија

најчитано сега