Македонија ќе добие петта препорака за старт на преговорите со ЕУ

 

Европската комисија ќе додели петта по ред позитивна препорака за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија, но повторно само двапати ќе ја употреби придавката „македонски“, а во исто време има нов услов - воведување „медиумска култура“.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова се трите главни поенти од претстојниот прогрес-извештај што еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе го објави на 16-ти овој месец. Првпат годинава, извештајот на Комисијата се држи во строга тајност и ќе биде познат на денот на неговото објавување.

Откако пред две и три години целосно исчезна, придавката „“македонски“ повторно како и лани ќе се најде само двапати во претстојниот прогрес-извештај за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите. Откако лани беше употребена само за „македонска Влада“ и „македонски институции“, овојпат се очекува да биде слично употребена, а не за посочување на „македонски јазик, нација или народ“, со оглед на тоа што лани, на денот на неговото објавување, по интервенција на грчката еврокомесарка за рибарство Марија Даманаки, придавката „македонски јазик“ беше исфрлена два часа пред официјалното објавување на извештајот.

Најново во овој извештај е што во однос на слободата за изразување и слободата на медиумите во Македонија, за што повторно се очекуваат негативни забелешки, Комисијата воведува нов услов - „медиумска култура“. Тоа ќе се бара од Македонија да се воведе, иако не е јасно што значи и како истото барање би требало да се спроведе на дело.

Она што уште е недостижно за Македонија, поради грчко-бугарските блокади, освен официјален почеток на пристапните преговори е и отворање на т.н. скрининг процес, што според искуството на Црна Гора и Србија, можно е да се одвива и без формален почеток на преговорите. Скрининг е процес во кој се споредува компатибилноста на законите на земјата-кандидат со ЕУ-законите во одредени поглавја. Што се подобро компатибилни тие закони, толку побрзо поглавјата (а ги има вкупно 35) може да се отворат и затворат. Притоа, при секое отворање и затворање на поглавјата, како и отворање и заклучување на преговорите, секоја држава-членка има можност да блокира. Во пракса, тоа значи дека најмалку 72 пати една држава може да го закочи процесот оти во процесот на проширувањето, одлуките и понатаму се носат со консензус.

Она што сегашниот Пристапен дијалог на високо ниво меѓу Комисијата и Македонија го носи е што во иднина може да биде позитивно, оти кога формално ќе се отворат преговорите значи дека некои работи веќе се завршени. Но, формално тоа не значи дека преговорите започнале и е апсулутно далеку од нивна замена.

Лани, комесарот за проширување Штефан Филе издејствува во извештајот за Македонија да се најде предлог од типот: „Да се отворат преговорите со БЈР Македонија, а во нивната рана фаза да реши прашањето за името со Грција“. Но, овојпат Филе е далеку повнимателен, откако на ланскиот Самит на Европскиот совет во декември не беше прифатен неговиот предлог, шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ излегоа со лажен предлог „да и се додели датум на Македонија, ако Европската комисија во пролетта 2012 година даде позитивен извештај во однос на напредокот на земјата во три области: реформите од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), преземените чекори во однос на решавањето на спорот на името и добрососедските односи“.

Иако ЕК во април позитивно ги оцени сите три области во вонредниот извештај за Македонија, Советот не само што не го испочитува сопствениот претходен заклучок, туку одлучи воопшто да не ја спомене Македонија во заклучоците, по што од Ирското претседателство со Унијата се правдаа дека „тоа било подобро отколку повторно директно да биде ставено вето на македонските евроинтеграции“.

Токму затоа, овојпат комесарот Филе и во финиширањето на подготовката на најновиот прогрес-извештај за Македонија се сретна со сите засегнати страни. Притиснат од Грција и Бугарија да ја одземе препораката на Македонија, Филе, кој ги штити и договорите и принципите на Европската унија, поради исполнетите реформи на македонската држава тоа не можеше да го стори. По средбите со македонскиот државен врв во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво, Филе периодов се сретна и со медијаторот на Обединетите нации во преговорите за името, Метју Нимиц, со генералниот секретар на ООН, Бан Ки-Мун, но и со бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, со лидерот на владејачката партија од албански блок во Македонија, Али Ахмети, а имал и телефонски разговори со грчкиот премиер Андонис Самарас.

Според најавите, во претстојниот извештај за Македонија ќе се најде сувопарен вид на нова препорака за добивање датум за членство, со далеку повнимателен речник во однос на нашата земја. Ова посебно што е јасно дека и Комисијата не сака повеќе да биде омаловажувана од Европскиот совет во однос на Македонија, а и не може да си дозволи да направи преседан и првпат во историјата на една земја-кандидат да и ја одземе препораката за почеток на пристапните преговори.

Она што претстојниот прогрес-извештај за Македонија сигурно ќе го содржи е критика за собраниските инциденти од 24 декември 2012 година со мартовскиот договор, извештајот на ад-хок Комисијата за истрага на тие настани и (не)спроведувањето на нивните препораки. Нашата земја ќе биде критикувана и за немање договор за добрососедство со Бугарија, односно неинтензивирање на преговорите за негово потпишување. Ќе се нотира фрагилноста на меѓуетничките односи со осврт на инцидентите на етничка основа на крајот на минатата и почетокот на оваа година и „планините“ меѓу Македонија и Грција во решавање на спорот за името.

Позитивен осврт, Комисијата ќе има за економската состојба, ниската задолженост и справувањето со светската финансиска криза на Владата на Република Македонија, како и пофалба за потпишаниот Меморандум за членство во ЕУ од страна на најголемиот дел од партиите во македонското Собрание.

Официјално, од Европската комисија не сакаат се уште ништо да коментираат во однос на извештајот, посочувајќи да се почека 16-ти октомври и неговото официјално објавување. Единствено познато е што тој целосно се подготвува од страна на Дејвид Кулен, прв човек за досието Македонија во Директоратот за проширување при Комисијата, а ќе биде одобрен од новиот директор на овој Директорат, Швеѓанецот Кристијан Даниелсон, кој стапи на функција на почетокот на месецов, иако подготовката на извештајот се одвиваше за време на вршителот на должноста Јост Корте

07.10.2013 - 14:28

најчитано сега