Во извештајот на ЕК нов услов за Македонија - воведување „медиумска култура“

Европската комисија ќе додели петта по ред позитивна препорака за  преговорите на Македонија за влезот во ЕУ, но како што јавува МИА, само двапати ќе ја употреби придавката „македонски“ и препораката ќе содржи нов услов - воведување „медиумска култура“.

И оваа година како што пренесе МИА, придавката “македонски“ ќе се најде само два пати во извештајот, а најново за овој извештај кој се очекува да биде објавен на 16 октомври, е тоа што се воведува нов услов - „медиумска култура“ кој Македонија ќе мора да го спроведе иако засега не е јасно што значи и како истото барање би требало да се спроведе на дело.

Минатата година еврокомесарот за проширување Штефан Филе во извештајот за почетокот на преговорите на Македонија за влез во ЕУ, издејствува да има предлог од типот „Да се отворат преговорите со БЈР Македонија, а во нивната рана фаза да реши прашањето за името со Грција“. Овојпат комесарот Филе и во финиширањето на подготовката на најновиот прогрес-извештај за Македонија се сретна со сите засегнати страни. Притиснат од Грција и Бугарија да ја одземе препораката на Македонија, Филе, кој ги штити и договорите и принципите на Европската унија, поради исполнетите реформи на македонската држава тоа не можеше да го стори. По средбите со македонскиот државен врв во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво, Филе периодов се сретна и со медијаторот на Обединетите нации во преговорите за името, Метју Нимиц, со генералниот секретар на ООН, Бан Ки-Мун, но и со бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, со лидерот на владејачката партија од албански блок во Македонија, Али Ахмети, а имал и телефонски разговори со грчкиот премиер Андонис Самарас.

Она што сигурно ќе се најде во извештајот кој ќе биде објавен наскоро е негативна препорака за настаните од 24 декември. Нашата земја ќе биде критикувана и за немање договор за добрососедство со Бугарија како и Грција.

Официјално, од Европската комисија не сакаат се уште ништо да коментираат во однос на извештајот, посочувајќи да се почека 16-ти октомври и неговото официјално објавување, јави МИА.

07.10.2013 - 13:51

најчитано сега