Спасов: Унапредувањето на правата на работниците и понатаму останува наш приоритет

Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати и Унијата на авономни и независни синдикати, денеска со семинар и со заедничка прес-конференција, по шести пат го одбележуваат 7 Октомври - Светскиот ден за пристојна работа.

За таа цел, денеска министерот за труд и социјална работа, Диме Спасов, на прес-конференција истакна дека македонската Влада постојано вложува напори за создавање услови за пристојна работа, додека претседателот на ССМ, Живко Митревски, истакна дека за таа цел активирани се повеќе национални акти меѓу кои Закон за минимална плата, Закон за европски  работнички совет, Закон за мобинг и повеќе измени на Законот за работни односи.

Република Македонија има ратификувано и 8 конвенции за афирмација на пристојна работа, зајакнување на социјалниот дијалог и формирање на Економско-социјален совет, кој во континуитет разгледува и дава свое мислење и препораки за одделни прашања од економската и социјалната сфера, изјави  Митревски на денешната прес-конференција.

Министерот за труд и социјала посебно ја потенцираше последната мерка на Владата за вработување на 1.600 лица и зголемување на платите во јавната и државната администрација за 5 отсто.

-Во иднина заедно со нашите социјални партнери преку Економско-социјален совет и најразлични форми на дијалог ќе работиме на обезбедување на пристојна работа, согласно меѓународните стандарди, искуства и сознанија. Наш приоритет и понатаму останува реализацијата на конкретни мерки за унапредување на правата на работниците, изјави Спасов.

Инаку, Светскиот ден за пристојна работа се одбележува од синдикатите на сто земји во светот.

07.10.2013 - 12:07
Фото: 
Региони.мк

најчитано сега