Македонски пратеници на 129. Собрание на ИПУ во Женева

 

Македонска собраниска делегација од денеска до 9 октомври во Женева ќе учествува на 129. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ).

На чело на делегацијата е пратеникот Јани Макрадули, а во нејзин состав се и пратениците Силвана Бонева, Неџати Јакупи, Имер Алиу, Горан Мисовски и Рејхан Дурмиши.

Според најавите, на ова Собрание на ИПУ се очекува да учествуваат околу 1.200 делегати, претставници на повеќе од 120 земји.   

На 129. Собрание на ИПУ ќе се зборува за бројни прашања поврзани со мирот и човековите права, нуклеарното разоружување и имплементацијата на Резолуцијата 1540 на Советот за безбедност на Обединетите нации за неширење на оружјето за масовно уништување, заштитата на правата на децата, а особено непридржуваните деца мигранти и спречување на нивната експлоатација во состојби на војна и конфликт, развој отпорен на ризици, имајќи ги предвид демографските трендови и природните ограничувања, состојбата и правата на внатрешно расените лица и друго.

Во рамките на 129. Собрание, седница ќе одржи и Комитетот на ИПУ за прашања на Обединетите нации. На седницата ќе се обратат Високиот комесар на ОН за човекови права Нави Пилај и Високиот комесар на ОН за бегалци Антонио Гутерес, а ќе биде одржана и панел-дискусија за промовирање на меѓународните заложби и бранење на правата на ранливите групи, со фокус на лицата со посебни потреби.

Интерпарламетарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација, во која членуваат 162 национални парламенти и десет меѓународни парламентарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации. е

06.10.2013 - 10:22

најчитано сега