Пикникот на „Алкалоид“ донесе 580.000 денари за Клиниката за гинекологија

На денешниот традиционален хуманитарен пикник организиран од фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје, беа собрани преку 580.000 денари.

Генералниот директор на „Алкалоид“ и претседател на Управниот одбор на компанијата Живко Мукаетов истакна дека вработените на „Алкалоид“ и нивните семејства, ја покажале нивната хуманост и донирале 200 денари за маичка преку фондацијата „Трајче Мукаетов“.

- Како компанија ја покажавме нашата општествена одговорност со донирање 200 денари за маичка. Средствата ќе бидат донирани за новороденчињата на Клиниката за гинекологија рече Мукаетов.

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство Марија Хаџи Лега се заблагодари за несебипната помош и поддршка од „Алкалоид“.

- Со донацијата значително ќе се придонесе во подобрување на грижата за новородените дечиња кои во најголем број доаѓаат на свет на Клиниката. Средствата ќе бидат употребени за подигнување на нивото на грижата за овие новороденчиња и тоа пред се за грижата за предвремено родените деца, рече Хаџи Лега.

Минатата година во септември, вработените на „Алкалоид“ успеаја да соберат донација од 572.300 денари. Парите беа донирани за набавка на медицински материјали и опремување на одделите за детска онкологија и детска имунологија на Клиниката за детски болести.

05.10.2013 - 13:12

најчитано сега