Одложени над 1.700 прегледи на скопските клиники денеска - зголемен бројот на интервенции во градската болница

На комплексот клиники „Мајка Тереза“ денеска се пропуштаа само возила на Итна медицинска помош, поради безбедносните протоколи за време на посетата на Папата Франциск, објави САКАМДАКАЖАМ.МК. За граѓаните беа достапни само Клиниката за детски болести и Клиниката за гинекологија и акушерство. Согласно протоколот за организација на посетата, вработените беа на своите работни места, но третираа само итни случаи. Закажаните прегледи и интервенции беа одложени.

Според податоците од системот Мој термин одложени се 1.736 прегледи и интервенции, кои дополнително ќе бидат презакажани.

 

Директорот на Градската општа болница „8 Септември“ д-р Христијан Костов за САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека од вчера од 18 часот кога беше ставена забрана за влез во кругот на Скопските клиники до пладне биле прегледани 351 пациенти, а повеќе од половината биле во Ургентниот центар. Тој рече дека медицинските работници во болницата работат со полн капациет согласно препораките од Министерството за здравство, односно дека дел од екипите се зајакнати и дека имаат и екипи што се на повик, доколку има потреба.

„Хоспитализирани се 43 пациенти, а оперирани се 17. Нема некое драстично зголемување на број на пациенти, околу 30 отсто повеќе од вообичаеното“, вели д-р Костов.

Директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ д-р Иван Спировски вели дека согласно препораките и тие работат со зајакнати тимови.

„Бројот на пациенти е незначително зголемен за 10 отсто“, вели д-р Спировски.

Од граѓаните кои ја следеле мисата на Папата на скопскиот плоштад, 27-мина побарале лекарска помош. За среќа, не станува за сериозни случаи, туку за луѓе кои имале проблем со крвниот пртисок или истоштеност.

На овие граѓани им помогнале екипи на Брза Помош како и волонтери од Црвен крст.

Две екипи на Брза Помош го следеа и движењето на папата Франциск низ градот, а покрај него ќе бидат се додека не замине од скопскиот аеродром.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.05.2019 - 21:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега