Димовски: Ќе се евидентираат неообработливите земјоделски површини во приватна сопственост

Денеска македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски истакна дека со измените на Законот за земјоделско земјиште кои денеска ги разгледа матичната собраниска комисија ќе се креира дата база за вкупното земјоделско земјиште во приватна сопственост што ќе овозможи увид колку од површините не се обработуваат, а ќе се воведат и нови услови при размената на државното земјоделско земјиште со земјиштето во приватна сопственост.

Со измените се воведуваат и нови услови за градење објекти на земјоделското земјиште. 

- Измените на Законот се носат, пред се, за да им се излезе во пресрет на барањата на земјоделците, но и за негова поголема применливост и ефикасност, а целта е да се овозможи обработување на што повеќе површини. Еден од елементите што треба да се вовед во законот за окрупнување на земјиштето е токму базата на податоци за вкупните површини во приватна сопственост, колку од нив се обработуваат, а колку не. Така ќе можеме на сопствениците кои не го обработуваат земјиштето да им понудиме услуга преку т.н. банка на податоци на земјоделското земјиште, за да го даваат под закуп, нагласи министерот Димовски.

Забелешки по законот изнесе и Борче Ставров од СДСМ чија оценка беше дека Министерството за земјоделство нема административен капацитет да ги спроведе измените особено во делот на размената на земјиштето и окрупнувањето. - Што со предметите од 2008 година кои се уште не се решени, праша Ставров, упатувајќи критики за, како што рече, немањето инженери геодети во соодветните одделенија на Министерството.

На тоа реплицираше Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ според кој МЗШВ е едно од министерствата кои од 2006 година досега спроведе најмногу реформи и секогаш им излегува во пресрет на земјоделците.

Новина во Законот е продолжувањето на важноста на договорите за користење на пасиштата од сегашните пет, на 10 години, по барање на сточарите. Се воведува и забрана за разорување и узурпација на пасиштата како добро од општ интерес, како и обврска, Јавното претпријатие да води регистар на пасиштата во државна сопственост со што ќе се овозможи следливост.

Министерот Димовски објасни дека пасиштата ќе се огласуваат јавно, а право на аплицирање нема да имаат правни и физички лица кои не ги платиле даноците и другите јавни давачки, како и обврските по основ на претходно склучени договори за користење пасишта, ниту правни лица за кои е отворена стечајна или ликвидациска постапка.

02.10.2013 - 14:13
Фото: 
Сител