Еврокомесарот Филе и Вигенин во Брисел разговарале за Македонија

Шефот на бугарската дипломатија Кристијан Вигенин во Брисел остварил средба со еврокомесарот Штефан Филе.

На средбата Вигенин го информирал Филе за текот на преговорите меѓу Бугарија и Македонија за договорот за добрососедство и за позицијата на Софија во врска со отворањето на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ. На средбата била разгледана и иницијативата за соработка меѓу Европската комисија и земјите од Западен Балкан.

Детали за содржината на разговорите Вигенин - Филе не се соопштуваат.

Бугарскиот весник „Труд“, пак, во контекст на разговорите Вигенин - Филе пишува дека позицијата на Софија во однос на Македонија останува непроменета - Бугарија не се согласува Скопје да добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ се додека не биде потпишан билатералниот договор за добрососедство. Весникот наведува и дека последната рунда бугарско-македонски преговори за договорот се одржале на 17 септември и оти било договорено двете страни да работат на взаемно прифатливи решенија во однос на спорните прашања.

Инаку, извештајот за напредокот на Македонија треба да биде објавен на 16 октомври.

02.10.2013 - 12:05

најчитано сега