Келам: Дојде време членките на ЕУ да и кажат на Грција „доста е веќе“
Европарламентарците од групата „Пријатели на Македонија“ најавуваат дека Грција за време на нејзиното претседавање со Европската Унија ќе треба да одговори на многу прашања.
-Групата „Пријатели на Македонија“ се подготвени да ги постават овие прашања. Специјалниот известувач Ричард Ховит и Комисијата веќе неколку години имаат позитивен став за Македонија, а има и официјална препорака за почеток на преговори. Македонија има шанса да стане уште подобар кандидат за влез во Унијата од некои други земји. Не можеме да ја сметаме Европа за целосна без Македонија, а решението ќе се најде, изјави европскиот пратеник од Естонија, Туне Келам, пренесе Курир.
Мартин Кастлер, истакна дека е срамота ова што и се случува на Македонија.
-Европскиот парламент ги поттикнува Советот и Комисијата веќе формално да започнат преговори со Македонците. Ќе се бориме и кога Грција ќе го презеде претседателството и тие ќе мора да дадат одговори. Ова ќе биде притисок врз грчката влада, истакна Кастлер.
-Дојдено е време земјите членки да и кажат на Грција „доста е веќе“ и да се изврши притисок врз оваа земја членка, изјави Келам.
Инаку, денеска двајцата европарламентарци денес имаа средба со министерот за надворешни работи, Никола Попоски.