Попоски: Македонија е подготвена за решавање на спорот - нема фидбек од Атина

 

Македонија покажа голема подготвеност да ги продолжи разговорите со Грција под покровителство на ОН со цел да се дојде до решение за долгогодишниот спор, но нема соговорник од другата страна.

Oва го вели македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во интервју за турската агенција „Анадолија“.

Според шефот на македонската дипломатија, иако спорот трае многу долг период, сепак, не станува збор за „замрзнат конфликт“. Попоски за „Анадолија“ вели дека Македонија со повеќе чекори покажа дека сака да се дојде до компромис, оценувајќи ја ситуацијата како „горчливо-слатка“ со македонска победа во однос на правото, но од друга страна со блокада во евро и евроатлантската интеграција.

- Покажавме капацитет да се дојде до компромис како што никој не може да замисли. Досега направивме огромни жртви со прифаќање на компромисно решение во 1995 година, со Привремената спогодба, што значеше промена на знамето, Уставот и дополнителни гаранции кон јужниот сосед, а за возврат не добивме ништо, освен понижувачко именување во Обединетите нации, вели Попоски.

Според Попоски, отстапките кон Атина, Македонија ги направи со една цел - да и се овозможи напредок во евроатлантските интеграции.

- Но, Атина не го почитуваше договорот со Скопје склучен под покровителство на ОН. Едната и единствена обврска што Грција ја презеде е прекршена, истакнува Попоски.

Министерот посочи дека Грција со Привремената спогодба од 1995 година се обврза да не го попречува членството на Македонија во меѓународни организации под референцата „ПЈРМ“, но оваа обврска ја прекрши на Самитот на НАТО во 2008 година кога го блокираше приемот на Македонија. Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Грција со блокадата на Македонија во Букурешт ја прекршила Привремената спогодба, но тоа не промени ништо.

- Она што е проблем во моментот е дека една земја-членка на ОН не е подготвена да ја почитува Повелбата на Светската организација, не ги почитува меѓународните обврски и го блокира приемот на Македонија во НАТО и ЕУ, вели македонскиот министер.

Попоски ги оценува обвинувањата од Атина дека Македонија има територијални претензии, ги краде грчката историја и култура, како оправдување за да не се преземе ништо во врска со спорот.

- Искрено, тоа не може да се дефинира никако поинаку освен како оправдувања. Грчките политички лидери во изминатите години покажаа исклучителен капацитет за наоѓање изговори. Единствениот изговор или единственото објаснување што не го дадоа е како може да се прекршуваат меѓународното право и преземените обврски толку долго време. Оттука, се поставува и прашањето како можат да го оправдаат своето членство во ОН. Овие прашања се уште остануваат неодговорени, вели минитерот.

Попоски во интервјуто истакнува во моментот е очигледно дека во Атина нема подготвеност за надминување на спорот кое единственото нерешено прашање во грчко-македонските односи.

30.09.2013 - 10:44
Фото: 
Нова Македонија

најчитано сега