Македонија ќе има најдобри патишта во регионот

Во следните пет години е предвидено да се изградат 11 автопати и магистрални патишта. Приоритетни се двата автопати - од Миладиновце до Штип и од Кичево до Охрид. Од 2008 година досега се изградени и рехабилитирани 418,8 километри автопат во вкупна вредност од 164 милиони евра, објавува Вечер.

Според Вечер, во следните пет години е предвидено да се изградат околу 300 километри автопатишта, експресни и магистрални патишта и околу 200 километри локални патишта. Со реализацијата на овој план, Македонија ќе стане земја со најдобри патишта во регионот.

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Љупчо Георгиевски смета дека овој инвестициски бум во патната инфраструктура ќе донесе придобивки и за граѓаните и за вкупниот економски развој на државата.

- Од следната година, па во наредните пет години планирана е изградба на 11 автопати и магистрални патишта, при што како приоритетни се двата автопати - од Миладиновце до Штип и од Кичево до Охрид. Во петгодишниот план на Јавното претпријатие за државни патишта, доставен до Владата, предвидена е изградба и реконструкција на магистралите од Велес до Кадрифаково, Штип - Радовиш, Смоквица - Гевгелија, Неготино - Демир Капија, Градско - Прилеп, Стенковец - Блаце, Миладиновци - Куманово и Велес - Кадрифаково, вели Георгиевски за Вечер. 

Георгиевски вели дека во моментов механизацијата на јавното претпријатие работи на изградба на патишта со вкупна должина од 116 километри. До крајот на 2013 година е предвидена реконструкција, ревитализација, и проширување на нови седум регионални патишта во должина од околу 100 километри.

- Вкупната инвестиција за изградба на овие патишта изнесува 13 милиони евра, додека во делот на магистрални патишта се очекува да заврши изградбата на патот од Кочани до Виница со вкупна должина од 2 километри од Македонска Каменица до Делчево долг 7 километри и двата со вкупна вредност од 1,1 милиони евра, вели Георгиевски за Вечер.

Со заемите од Светска банка и Европска банка, до крајот на оваа година треба да биде завршена изградбата на 105 локални патишта во вкупна должина од 161,3 километри во вкупна вредност од 15,3 милиони евра.

- Во 2014 година и 2015 година очекуваме да изградиме иште 100 локални патишта со вкупна должина од 200 километри во вредност од 20 милиони евра, вели Георгиевсло.

Од стартот на реализацијата на проектот за изградба и ревитализација на локални патишта во 2009, па заклучно со 2012 година, изградени се 203 локални патишта во вкупна должина од 440,8 километри и вкупна инвестиција од 31,7 милиони евра.

  • 418,8 километри автопат се изградени и рехабилитирани од 2008 година до денес
  • 11 нови автопати е предвидено да бидат изградени во наредните пет години
  • 200 километри локални патишта се предвидени да се градат во наредните две години
30.09.2013 - 09:54

најчитано сега