Драган Павловиќ Латас - Лидер

Ќе вадиме 40 дена откако Жерновски ни забрани кучињата да лајат, а алиштата да се сушат на балкони. И, нема ден тагата да запре.

Тоа се две единствени проактивни одлуки кои тој и неговиот Совет на умните од СеДеСето ги донесоа на ниво на општина Центар, откако дојдоа на власт. А од тогаш поминаа четири месеци.

Центар го памти по тотално ишкртаните ѕидови и влезови со паролите Центар не е Пустец... па Капиштец не е Пустец... и се во тој филм. Паролите, еве, стојат и ден-денеска, што значи дека се се уште правно активни. Односно, дека за Жерновски изборите се уште не се завршени. А, ако не се завршени, ни тој не е победник на, нели, незавршени избори.

Центар го памти по тоа што ги изора тревниците во Градски ѕид, и сега ораниците стојат како ледина, и чекаат изборите да завршат. Па, кога ќе имаме градоначалник ќе се посади што трева, што цвеќиња. Како што е ред. И како што редовно беше садено, и чувано, во времето на Влатко Тодоровиќ.

Во очекување на изборниот крај, Жерновски не мирува.
Откако исчуре се што имаше да се опустоши во Центар, и ја остави општината на милост и немилост на природните појави, Жерновски влезе во мисија. Низ Тиквешијата, во која се слика за локални телевизии, со стариот добро познат патец виден во немите филмови, и изјавува дека мора да делува. Морало така затоа што секој момент власта можела да му закаже вонредни избори, а он морал да биде спремен.

Па си викам: Чекај бе, нели е овој градоначалник на Центар. Да. Нели прима плата од наши пари, а заработува од наша глупост. Да. Нели во работно време треба да е тука, во Центар, и работи за она што е платен. Да.

Е па, што мајка бара во работно време да држи брифинзи и митинзи по Тиквешијата, а и пошироко, за да агитирал. Да се спремал за избори.

Па додека е он таму, кој ќе работи тука. Во Центар. 
Ај што одеше во Тетово, на баци рака кај Ахмети, кога овој второспомнатиов го известуваше Жерновскиов за текот на неговите разговори во Вашингтон и Атина, околу името на Македонија. Не ми беше јасно која е смислата на овој муабет... ама, си викам, и онака од Жерновскиов фајде нема, па нема ни да се примети дека не дошол на работа.

Лимитиран, каков што, Жерновски не разбира дека е повикан само за Ахмети да може да ја стави средбата во својата агенда. Дека се сретнал и добил поддршка од македонски партии за трговијата со името.

Па, така спакувана, агендата да ја промовира, и наплати, на првата наредна средба со дипломатите од Атина и Вашингтон.

Значи, точно било што ми зборат. И тоа со месеци наназад.
А тоа е дека Жерновски, од оваа позиција, тера кампања да стане лидер на опозицијата. Главен. Папа наместо Папата, еј!

Зборел, и тоа често и на многу места, дека Бранко е бивши. Му огадил на народот, и нема што више на него да се рачуна.

Рада се фрлила на шетање и бизниси, а Зоки Заев бил провинцијалец. Па, согласно тоа, нема Македонија да се провинцијализира, туку европеизација ја чека. И тоа со него, со Андреј Жерновскиов на чело.

Отпрвин мислеле дека се заебава. Дека мора долго време да не се погледнал во огледало, и такви некои трауматични постизборни дијагнози.

Арно ама, човекот не запира. Баталил градоначалничка работа, и везден виси кај дипломати, шета низ државава и брифира за предностите на сопствената персона, виза-ви бившите од СДСМ и наскоро бившите од ВМРО.

Да не веруваш. А мора да веруваш, пред очи ти се дешава.
Затоа за овие четири месеци нема ниту една снимка на телевизија од негова средба со Бранко, или барем да се слика со Рада, во пауза на нејзините шопинзи по странство и бизниси на кои им се предава без милост и задршка.

Нема кадри ни со Заев. Презирот кон него му е неиздржлив.
Арно ама, нема недела да не видиме седенка со некој дипломат, со Али Ахмети, или порачка за потреби на соросоидите. Гледаш, стварно било.

Богами, каква е состојбата во СДСМ, можда и ќе му успее.
Не дека Македонија ќе му се даде себеси на еден Жерновски, до толку ниско не сме паднале ни под Турците, а не сега... црвот е дека некој сака да му ја даде Македонија на некој таков, како Жерновски. Да заврши работа набрзина.

Остана недоработено: двојазичност на цела територија; регионална поврзаност на општините со албанско мнозинство во функционална целина со паралелна власт; прекројување на изборните единици во една - со што полнењето гласачки кутии во Липково и Арачиново ќе се брои и за пратеници во Прилеп или Гевгелија; тензии за етничко чистење на Маврови Анови, Вевчани, Чучер-Сандево... преземање на Чашка и Долнени по власт на ДУИ, по што и територијално Македонија може да се преполови; давање нови концесии на рудници и води, на фирми со албански и косовски капитал; потпретседател на државата од редовите на Албанците; собраниско поништување на сите одлуки за поставување споменици со македонски херои.. 
Има тука уште од овој список до агендата на Жерновски, и неговите, но просторот за пишување е тој што е. Не е само името на државата за пазарење.

А после настапот на Груевски пред Обединетите нации, во одбрана на уставното име на Македонија, што беше речиси општо оценето како најдобра одбрана, на најдобро место за таа намена изнесена... трговијата со името, привремено, ќе биде во втор план. Темата, по ова, е депласирана.

Со години зборам: во привремената спогодба има рамка, потпишана и од грчка страна - дека се преговара за замена на ФИРОМ со ново име. Само тоа, и ништо друго. Онаму кај што сме сега со ФИРОМ да бидеме некаква... Северна, Горна... каква и да е, но Македонија. А ние сме Република Македонија кај 160 држави во светот, па така остана замената да се примени кај едвај 40-ина држави. А и помалку од тоа, бидејќи со време бројката се намалува.

Сега, откако Груевски на вистинско место, го потсети светот на рамката за преговори, беспредметно е да се нудат Рада, Заев или Жерновски да преговараат, и нормално прифатат, обврска што ја нема во спогодбата.

Иако, кога се они во прашање, можноста не треба да се отфрла.
Замисли, каква би била судбината на Македонија кога би паднала во раце на човек чии единствени две политички одлуки се - да се забрани чување кучиња во станови и да се казнува сушење алишта по балкони.

Македонија без домашни кучиња и сушење алишта не ја бива.
А камо ли Македонија без Македонци.

Драган Павловиќ Латас за Вечер

29.09.2013 - 23:12

најчитано сега