„Слушни го ритамот на срцето“ - започна кампањата за здраво срце на „Аџибадем Систина“

Аџибадем Систина започна со спроведување на програмата за здраво срце басловена како „Слушни го ритамот на срцето“. Акцијата која почна напладне на плоштадот „Македонија“ во Скопје и ќе трае до 20 октомври, а е во организација на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со Здравствената групација „Аџибадем“, во рамки на обележувањето на Светскиот ден на срцето, 29 септември.

Низ 13 градови низ Македонија,во периодот од 12 до 20 часот на одредени локации граѓаните ќе може бесплатно да се советуваат за здраво срце. 

Во главниот град караванот ќе биде и утре во „Скопје Сити мол“, а задутре кај фонтаната во Градскиот парк. Потоа ќе ги посети Куманово (30 септември и 1 октомври), Тетово (2 и 3 октомври),  Гостивар (4 октомври), Кичево (5 октомври), Битола (6 и 7 октомври), Прилеп (8 октомври), Струга (9 октомври), Охрид (10, 11 и 12 октомври), Кавадарци (13 октомври), Струмица (14 и 15 октомври), Штип (16 и 17 октомври), Велес (18 октомври) и повторно во Скопје на крајот од кампањата (19 и 20 октомври).

Кардиологот Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“ изјави дека акцијата за превентивни прегледи, консултации и проценка на кардиоваскуларен ризик кај македонската популација ја спроведува екипа на „Аџибадем Систина“ од кардиолози, кардиохирурзи и васкуларни хирурзи со комплетниот тим кој се занимава со оваа патологија шурим Македонија.

- Идејата на оваа акција во рамки на идејата на СЗО и Светската организација на срце, е да се намали смртноста во следните 25 години за некој пристоен процент кој засега е висок. Значи смртноста од кардиоваскуларните болести со сите досега спроведени акции на ниво на Министерство за здравство, на здравствени установи, не успеавме да ја намалиме, напротив стресниот живот, стилот на исхрана, навиките на популацијата не доведуваат до намалување, туку само ја зголемуваат смртноста. Се намалува возрасната граница на пациенти кои првпат страдаат од сериозни кардиоваскуларни заболувања, рече Христовски.

Целта на кампањата е проценка на здравствената состојба со одредување на степенот на кардиоваскуларниот ризик кај општата популација, преку мерење телесна тежина и висина, одредување индекс на телесна маса, мерење на нивото на холестерол во крвта, ЕКГ и други испитувања по препорака на лекар-специјалист.

 

27.09.2013 - 15:42
Фото: 
Факултети.мк

најчитано сега