СДСМ: Ќе има ли крај на „игрите“ со парите на граѓаните во Македонија?

До Собранието на РМ, во понеделникот, меѓу останатите многу важни фискални документи, што намерно се доставени заедно, за да нема опсежна дебата по некои од нив, Владата достави и Предлог ребаланс на Буџетот за 2013 година.

Оваа недела се објавени и податоци за остварувањето на овогодинешниот Буџет, заклучно со месец август. Споредбата на тие остварувања со предложениот ребаланс отвора исклучително важни прашања, што на Владата треба да ѝ бидат поставени на време.

 1. Како Владата мисли да ги оствари предвидените буџетски приходи до крајот  на годината?

За да се остварат проекциите на Владата предвидени со ребалансот на Буџетот, во четирите месеци до крајот на годината – од кои еден е веќе изминат! Буџетските приходи, во секој месец треба да бидат за 46 милиони евра поголеми од досегашниот месечен просек!

Од каде ова стопанство ќе ги извади тие пари? Од каде кога за 8-те изминати месеци Владата собрала малку над половина, 60 проценти од вкупно предвидените пари?

 2. Како тоа Владата мисли и тврди дека трошењето на предвиденото негативно буџетско салдо за до крајот на годината ќе биде помало од досегашното? Како, кога досега се веќе потрошени над три четвртини од тоа негативно салдо?

Буџетскиот дефицит до крајот на годината ќе треба во секој месец да биде за 12 милиони евра помал од досегашниот месечен просек.

 3. Дали Владата пресметала колкаво ќе биде црвеното буџетско салдо (долгот) на крајот на годината, ако приходите се остваруваат како просекот во изминатите 8 месеци, а расходите бидат остварени согласно ребалансот?

Се работи за минус што ќе изнесува речиси половина милијарда евра!

Со ребалансот се планира дефицит од 310 милиони евра, што изнесува 3.9 отсто од предвидениот БДП. Ако се оствари наведеното сценарио, тогаш минусот ќе изнесува 6.3 отсто од БДП!

 4. Дали Владата знае колку негативно ќе се одрази тоа врз македонската економија во иднина? И дали воопшто се грижи за тоа?

Владата и должи одговори на јавноста за овие прашања сега, а не догодина.

Поради наведените факти, меѓу останатото, СДСМ инсистираше и сега инсистира со ребалансот на Буџетот да се оди на кратење на непотребните буџетски расходи, а не со пораст на буџетскиот дефицит, како што прави Владата.

Чиста манипулација е оправдувањето на Владата дека го зголемува долгот за да обезбеди пари за пензионерите. СДСМ укажува дека истото треба да се направи со кратење на непотребните расходи.

 Навистина, има ли крај на „игрите“ со парите на граѓаните во оваа држава?

 

Интегрален текст од изјава на СДСМ.

 

 

27.09.2013 - 14:30