До крајот на годината ќе „врие" од европратеници во Македонија

Пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, до крајот на годинава нашата земја ќе биде масовно посетена од страна на пратеници од Европарламентот.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, неделава во Скопје веќе беа дузина европратеници, а следуваат уште многу посети со цел пратениците од европскиот законодавен дом да и ја изразат поддршката на Република Македонија во обезбедувањето на датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија. Македонија веќе ја посетија известувачот од сенка од Европарламентот, Едвард Кукан , Рајнер Виланд, Ласло Сурјан, Тања Фајон и Кнут Флекенштајн, член на Комитетот за надворешни работи на ЕП.

На почетокот на идната недела, како што јавува МИА, во Скопје ќе допатуваат четворица европратеници што се членови на групата „Пријатели на Македонија“ во Европскиот парламент, предводени од Мартин Каслер. Се работи за Туне Келам од Естонија, Ана Заборска од Словачка, и Кристина Гутиерез-Кортинес од Шпанија, додека на крајот на наредниот месец, во Македонија ќе пристигнат известувачот и известувачите од сенка од Европскиот парламент за Македонија. 

Масовната посета на пратеници од Европскиот парламент на Македонија, годинава ќе заврши со доаѓањето на Словенецот Алојз Петерле.

Според најавите, со посетите на нашата земја, европратениците сакат да ја покажат силната поддршка што Европскиот парламент ја дава на Македонија за земјата да го почне пристапните преговори за ЕУ.

27.09.2013 - 13:53

најчитано сега