Жидас Даскаловски: Кога сме на дното, а таму се и Македонците ни треба надеж – тоа е Гордана Силјановска

 

Универзитетскиот професор, Жидас Даскаловски е еден од триесетината професори и јавни личности кои застанаа зад идејата професорката Гордана Силјановска да биде претседателски кандидат за изборите оваа година. Даскаловски во интервју за Прес24, вели дека Силјановска е најдоброто решение кое може да ја врати надежта во Македонија.

- Кога сме на дното, а Македонија и Македонците се таму, ни треба надеж, ни требаат луѓе на кои може да се ослониме дека правилно ќе ја водат земјата напред. Гордана Силјановска е човек со интегритет, професор со меѓународно педигре, активен мислител и бранител на правото и правдата. Ние потписниците сметаме дека таа треба да е идниот Претседател и сакавме да влијаеме таа сериозно да ја разгледа опцијата да се кандидира, вели Даскаловски во интервју за Прес24.

Што и како може идниот Претседател да промени, на веќе усвоени уставни измени, Даксаловски одговара дека професор Силјановска е борец за правото и правдата и верува дека се можни промени во држават.

- Промените беа нелегални и ако има добра воља и политичка моќ ќе си го вратиме името. Претседателот ја нема моќта на владата, но има и силни ингеренции во делот на меѓународна политика така што ова би бил првиот чекор, вели универзитетскиот професор за Прес24.

Тој стравува дека постои голема можност, претседателските избори да бидат нерегуларни и затоа е потребен ресет на системот преку владеење на правото и правдата.

-Корумпираните, самобендисани елити кои брутално не крадат и го манипулираат системот треба да си заминат во историјата. Си имаме работа со елити, безидејни, необразовани, без интегритет, мрзливи кои лажат и газат преку човечки судбини, национални вредности, закони и морални принципи за да профитираат. Како да го скршиме овој систем е добро прашање, но во секој случај на власт мора да бидат луѓе кои мислат добро на целото општество и на земјата не само за нив, вели Жидас Даскаловски во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Бевте еден од триесетината универзитетски професори и јавни личности кои ставивте потпис на иницијативата професорката Гордана Силјановска да биде претседателски кандидат. Од каде таа идеја, дали оваа иницијатива имаше некаква претходна подготовка, или дојде како ад хок решение?

ДАСКАЛОВСКИ: Кога сме на дното, а Македонија и Македонците се таму, ни треба надеж, ни требаат луѓе на кои може да се ослониме дека правилно ќе ја водат земјата напред. Гордана Силјановска е човек со интегритет, професор со меѓународно педигре, активен мислител и бранител на правото и правдата. Ние потписниците сметаме дека таа треба да е идниот Претседател и сакавме да влијаеме таа сериозно да ја разгледа опцијата да се кандидира.

ПРЕС24: Во таа иницијатива има повик до опозицијата да застане зад Силјановска, но ВМРО ДПМНЕ како најголема опозициска партија има веќе еден партиски конкурс преку кој на Конвенција треба да ги избере претседателскиот кандидат. Дали за да ја добие Силјановска опозициската поддршка ќе оди низ тој процес, и ако ВМРО ДПМНЕ не застане зад нејзе, дали во опција е независна кандидатура?

ДАСКАЛОВСКИ: Прво, професорската треба да реши дали би се кандидирала, а потоа да разговараме за  независна кандидатура, или за поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира дека кај нас индивидуално без логистичка поддршка тешко дека може да биде натпартиски кандидат.

ПРЕС24: Дали до сега професорката Силјановска се уште не одлучила дали ќе се кандидира?

ДАСКАЛОВСКИ: Не знам.

ПРЕС24: Имате ли анализи како професорката стои меѓу тврокорното вмровско членство, со оглед на тоа дека таа е далеку од епитетот за некаков близок човек на ВМРО ДПМНЕ?

ДАСКАЛОВСКИ: Не, но ставовите на професорката секогаш биле за право и правда, за почитување на Устав и закони. Бидејќи владата предводена од Заев работеше спротивно, и го промени името и идентитетот јасно е дека има поклопување на ставовите на Гордана и членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

ПРЕС24: Професорката Силјановска е еден од гласните противници на преспанскиот договор и уставните измени кои се случија. Сепак тој процес веќе е реалност во Македонија, или како што сега ќе се вика Северна Македонија. Прашањето кое се наметнува е дали овие претседателски избори ќе бидат последен обид нешто да се смени и како тоа би можело да се спроведе?

ДАСКАЛОВСКИ: Промените беа нелегални и ако има добра воља и политичка моќ ќе си го вратиме името. Претседателот ја нема моќта на владата, но има и силни ингеренции во делот на меѓународна политика така што ова би бил првиот чекор.

ПРЕС24: Опозицијата се уште бара и предвремени парламентарни избори. Некои аналитичари гласно зборуваат дека без предвремени парламентарни избори треба да има бојкот на претседателските избори. Дали тоа е конструктивна и издржана опција?

ДАСКАЛОВСКИ: Има реална и голема веројатност да имаме изборни нерегуларности на претседателските избори, да не кажам полнење на гласачки кутии. На изјаснувањето за референдум имавме флагрантни кршења на процесот кои беа толерирани. Бојкотот на системот е во таа насока. Има и идеја за уфрлање на неважечки ливчиња во првиот круг да се идентификува бројот на граѓани незадоволни од состојбите во земјата, иако ризикот е дека и тие неважечки гласови во броењето магично ќе се избројат во полза на кандидат(и). Системското силување на Република Македонија во 2018 година не ни дава доверба дека овие избори ќе бидат регуларни.

ПРЕС24: Општ е стравот дека без предвремени парламентарни избори и еден вид на одреден бојкот може да се случи неуспех на изборите од аспект на исполнување на уставниот цензус од 40%. Колку една таква политичка криза би и била од корист на Македонија?

ДАСКАЛОВСКИ: Потребен ни е ресет на системот преку владеење на правото и правдата. Корумпираните, самобендисани елити кои брутално не крадат и го манипулираат системот треба да си заминат во историјата. Си имаме работа со елити, безидејни, необразовани, без интегритет, мрзливи кои лажат и газат преку човечки судбини, национални вредности, закони и морални принципи за да профитираат. Како да го скршиме овој систем е добро прашање, но во секој случај на власт мора да бидат луѓе кои мислат добро на целото општество и на земјата не само за нив.

ПРЕС24: Овие претседателски избори ја отвораат дилемата за промена на уставниот концепт за избор на Претседател. Дали е време за такво нешто и која опција е подобра, бришење или намалување на цензусот за избор на Претседател на непосредни избори или избор на Претседател во Парламентот?

ДАСКАЛОВСКИ: Интегративниот модел кој се заснова на идеите на политикологот Доналд Хоровиц цели кон тоа во поделени општества со етнички, религиски, или други групи, изборите да ги поттикнуваат кандидатите кон умереност и подавање рака на „другиот.„ Во таа смисла би размислувал за промени на системот за избор на Претседател.

ПРЕС24: После два мандата од по пет години, која оценка ја заслужува Ѓорге Иванов како Претседател на државата?

ДАСКАЛОВСКИ: На надворешен план претседателот Иванов воспостави добри односи со претседатели на многу земји, некои и големи, регионални сили, што е за поздравување. За жал не успеа многу добро да се справи со продлабочувањето на политичката криза од 2014 година до денес.

ПРЕС24:  Дали денес Македонија е подобро место за живеење од времето кога Груевски беше Премиер?

ДАСКАЛОВСКИ: Не, во сите аспекти Македонија назадува, впрочем веќе и е натурено името Северна. Владата флагрантно ги крши законите, корумпирана е, неспособна да ја подобри економијата, истата ја гуши, криминалот расте, медиумите се еднострани и субјективни, исто како и граѓанскиот сектор, прогонот на неистомисленици е како во деведесеттите, а пропагандата е засилена како во романите на Орвел. Луѓето масовно се селат.

ПРЕС24: Интеграцијата во НАТО е речиси завршена приказна, но што ќе биде со интеграцијата во Европската Унија? Таму се бара нешто многу повеќе од промена на името?

ДАСКАЛОВСКИ: Влада која бара камшикар за да функционира е предмет на потсмев и сожалување. Какви ни се состојбите таа интеграција во ЕУ ќе потрае многу долго. А всушност може и да биде интеграција во сојуз кој е сосема поинаков од овој кој го присакуваме

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.02.2019 - 11:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега