Роберт Орданоски избран за нов потпретседател на БЕРЕК
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Орданоски е избран за член на Бордот на директори и потпретседател на Европското тело на регулатори за електронски комуникации, на пленеарна седница која се одржа изминативе два дена во Летонија.
На состанокот учествуваше делегација од АЕК, предводена од Орданоски, како и претставници на регулаторните тела од земјите членки на Европска Унија, земјите кандидати за проширување и земјите членки на ЕФТА.
- Ова претставува особена чест за Агенцијата за електронски комуникации и можност за непосредно учество и влијание во креирањето на европската регулатива за електронски комуникации, за која Република Македонија се обврзала да ја имплементира. На тој начин Македонија ќе има можност да учествува во создавање подобри конкуренски услови, со што ќе се овозможат попристапни електронски комуникациски услуги за сите граѓани од европскиот континент. Меѓу другото, на тој начин, преку местото во Бордот на директори, АЕК ќе може да предлага и да заштити, иницијативи и идеи кои се од посебен интерес за граѓаните на Република Македонија, се вели во соопштението од АЕК.
На седница на БЕРЕК се разгледани и усвоени поголем број документи кои се однесуваат на регулацијата на пазарите за електронски комуникации, а генералниот директор на Директоратот за комуникациски мрежи, содржина и технологија (DG CONNECT) на Европската Комисија, Роберт Маделин ја презентирана новата иницијатива за регулација на единствен пазар во ЕУ.
- Оваа регулатива беше предложена во првата половина на септември од страна на Европската комисија до Европскиот Парламент по што се очекува нејзино усвојување во наредните месеци. Со неа Европската комисија предлага значителни измени на регулативната рамка од 2009 година со што се опфатени прашања кои се однесуваат на укинување на роамингот во земјите од Европска Унија, единствена нотификација на цела територија на Европска Унија, хармонизација на управувањето со радиофреквенцискиот спектар и заштита на правата на корисниците на широкопојасен интернет во однос на ограничување пристап до одредени содржини и апликации, информира Агенцијата за електронски комуникации.