ОЈО: Лицето кое вчера пукаше во угостителски објект ќе се гони за убиство

 

Надлежен јавен обвинител заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи синоќа го заврши увидот на лице место во угостителски објект во Кочани, каде вчера околу 17.00 часот едно лице беше рането со огнено оружје. Прибрани се траги од местото на настанот кои ќе бидат предмет на вештачење. Издадени се наредби за прибирање податоци и земање исказ од очевидци, како и претрес на лица и објекти со цел утврдување на фактите во предметот.
 
 
Поради постоење на основано сомнение, надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истрага против едно лице за сторен квалификуван (потежок) облик на кривичното дело Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
 
 
Настанот се случил откако меѓу повеќе лица кои претходно заедно седеле на маса, започнала вербална расправија. Потоа осомничениот извадил пиштол и испукал проектил во едно лице при што му нанел прострелна рана на сега оштетениот. Во моментот на пукањето, во угостителскиот објект имало присутни и други лица, кои осомничениот со преземеното дејствие ги довел во опасност што дава посебна тежина на кривичното дело кое го сторил. По пукањето, а поради сериозноста на повредата, оштетениот придружуван од едно лице – сведок на настанот, бил упатен во Скопје каде му е дадена медицинска помош. Сведокот е потоа вратен во Кочани, каде по барање на јавниот обвинител а пред судија на претходна постапка даде исказ за кривично правниот настан.
 
 
По претходно преземена координирана акција, утринава уште три лица кои присуствувале на кривично правниот настан се лишени од слобода и со нив се превземаат дејствија во насока на расчистување на настанот.  Во моментов сторителот е недостапен на органите на прогонот.​
 Полицијата информираше синоќа дека по кратка вербална расправија Драганчо Стоименов, викан Дацо Белски пукал и го повредил Драган Здравев. Инцидентот се случил во кафе барот Аква во Кочани, попладнево околу 17 часот. Откако пукал и го ранил Здравев, Стоименов избегал. 
Стоименов има подолго досие и ѝ е познат на полицијата, а имаше улога на сведок и оштетен во случајот Детонатор, а тогаш беше објавено и дека е телохранител на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. 
 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.01.2019 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега