Средба Бесими-Д’Суза: Британија ја поддржува Македонија во евроинтеграциите

Баронесата Францис Д’Суза, Лорд, Спикер на Домот на Лордовите на Парламентот на Обединетото Кралство која од вчера е во посета на Македонија, оствари средба и со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими.

На средбата Бароницата Д’Суза повторно ја истакнала поддршката од Обединетото Кралство за евроинтеграциите на Македонија. Од своја страна, вицепремиерот Бесими се осврнал на силната заложба на македонската Влада во поглед на остварување на реформите со цел приближување кон ЕУ и напорите кои Владата ги презема за да се реши спорот со Грција.

- Од особено значење за нашиот народ и владата ќе претставува добивањето датум за отпочнување на преговорите, кој ќе го охрабри и поттикне понатамошниот реформски процес, како и волјата на граѓаните за пристапување во ЕУ, во таа насока, бараме поддршка да ни биде овозможено да отпочнеме со преговарачкиот процес за полноправно зачленување во ЕУ, при тоа решението за билатералните прашања да се најде пред полноправното зачленување во истата, истакнал Бесими на средбата со баронесата.

Инаку, баронесата е во посета на Македонија од вчера, а досега оствари средба со шефот на државата Ѓорѓе Иванов, собранискиот спикер Трајко Вељановски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, и министерот Пешевски.

26.09.2013 - 14:38
Фото: 
МИА

најчитано сега