Македонски етнолошки Музеј ќе никне во Мелбурн

Епархијата во Австралија добила регистрација со која ќе може да се реализира идејата за отворање македонски етнолошки Музеј кој ќе биде лоциран во Мелбурн. Ова денеска го изјави Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.

- Тоа ќе биде мала македонска куќа која ќе ја презентира нашата посебност во Австралија, истакна митрополитот и најави дека македонскиот етнолошки Музеј ќе биде изграден и опремен со грантови, финансиска поддршка, подароци и донации од верници и институции од Република Македонија и од Австралија.

Митрополитот најави дека македонскиот етнолошки Музеј ќе ја промовира посебноста на Македонците како нација со идентитет, со своја црква и како народ со свој македонски јазик на територијата на Австралија.

- Тоа ќе биде прв Музеј од ваков тип во дијаспората во кој ќе има различни предмети икони, фрески, сакрални предмети, но и носии од нашето поднебје, на тој начин со дела, со етнолошки предмети кои се обележје на нашата нација, самите ќе говориме за себе без некој друг да зборува за нас. Музејот на почеток ќе биде сместен во непосредна близина на црквата „Св. Пророк Илија“ во Мелбурн, но музејски поставки ќе има и во другите црковни општини на нашата епархија во Австралија, посочи митрополитот г. Петар.

Исто така, на барање на Македонци кои потекнуваат од Егејскиот дел на Македонија а живеат во Австралија, се врши преведување на многу богослужбени книги на чист македонски литературен јазик.

- Македонците од Егејскиот дел на Македонија што живеат во Австралија иницираа и финансираат преводи и печатење на богослужени книги за вршење богослужба на современ македонски литературен јазик. Во нивното обраќање до нас тие посочија дека во грчките цркви се богослужи на за нив неразбирлив јазик и затоа сакаат во македонската црква како Македонци да следат богослужба на современ македонски литературен јазик. Затоа извршивме превод од старомакедонски односно црковнословенски јазик на македонски јазик и завршен е преводот на богослужбените книги Посен Триод, Цветен Триод, избор на неделни и празнични богослужби, Осмогласник а сега интензивно работиме на Минеите во кои се содржани богослужби за 365 дена, потврди митрополитот г. Петар.

26.09.2013 - 14:20
Фото: 
А1.он

најчитано сега