Димовски најави соодветни мерки за прилагодување на климатските промени

Денеска македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љубчо Димовски, се обрати на завршната манифестација "Караван за климатски промени" во Свети Николе.

Во своето обраќање македонскиот министер истакна дека од климатските промени чие негативно влијание Македонија веќе го чувствува, загрозени се поважните земјоделски региони и стратегиските култури, а додаде и дека проценките за економските штети се загрижувачки.

Димовски за идниот период најави дека Министерството ќе се фокусира на креирање соодветни политики и дефинирање мерки за прилагодување кон климатските промени.

- Зајакнувањето на капацитетите ќе ја вклучи и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во насока на обезбедување совети за подобри земјоделски пракси и пристап до подобри информации за одгледување високо приносни култури, како и обезбедување совети за одржување на приносите во услови на екстремни температурни или други негативни влијанија, а секако и Управата за хидрометеоролошки работи за обезбедување навремени и прецизни податоци за прогнозрирање на температурата и врнежите, истакна Димовски.

Директорот на мисијата на УСАИД Џејмс Стејн, од своја страна изјави дека целта на Караванот е да ги едуцира индивидуалните земјоделци и нивните заедници за очекуваните ефекти од климатските промени.  - Од неодамна Македонија е под влијание на потопла и посува клима, а со тоа е и повеќе подложна на појава на топлотни бранови, суши, поплави и град, изјави Стејн.

На денешната манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Свети Николе Зоран Тасев. 

26.09.2013 - 13:30
Фото: 
Канал5

најчитано сега