Одбележани 110 години од смртта на Гоце Делчев

Со пригодна беседа и положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје денеска беа одбележани 110 години од загинувањето на идеологот на македонската револуционерна борба.

Пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев се поклонија делегација од Владата, сосотавена од министрите за култура и за трнаспорт и врски, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески, и заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, делегации од Кабинетот на Претседателот и од Собранието на РМ,  на Армијата  на Република Македонија, МАНУ, Институтот за национална историја, од Сојузот на борците на Македонија,  од политички партии, организации, здруженија, општини и установи што го носат името Гоце Делчев.

-  Самостојноста и независноста на ослободителното дело му беа принципи за успехот и карактерот на борбата. Ропството, сметаше тој, се должи на самиот роб и се крепи повеќе од него отколку од мачителот и дури кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува самото од себе. И ги впрегна Гоце сите сили да го ослободи робот во самиот Македонец, да му вдахне вера во победата, во сопствената сила и моќ. И при сето тоа, Делчев се залага и за македонска култура како темел за извојување на слободата... Делчев загина пред да пламне Илинденското востание, дури  и во напорот да го одврати предвременото и неподготвено избувнување, но тоа не беше пречка токму тој да стане симболот на тоа Илинденско востание кое, како што рече и Мисирков, направи епоха во нашата историја, рече Ристовски.

На настанот беше промовиран проектот „Поклонение на визионерот - младите за Делчев“, чија цел е, како што појасни Александар Ангеловски, младите генерации од Македонија и од дијаспората  да го зачуваат од незаборав споменот за Гоце. 

„Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и, тогаш, тие доброволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“. 

најчитано сега