Девојките во Македонија малку користат модерни средства за котрацепција
Во Македонија стапката на употреба на модерна контрацепција е најниска во регионот, но и во светот. Според истражувањето на УНИЦЕФ, 8,2 отсто од девојките на возраст од 15 до 19 години користат некакво модерно контрацепциско средство, 8,3 отсто на возраст од 20 до 24 години и 11,4 отсто на возраст од 25 до 29 години користат некаква модерна контрацепција. Истражувањето покажало дека процентот на користење на пилули (орална хормонска контрацепција) изнесува 1,3 отсто.
Овие податоци денеска беа презентирани на Младинската конференција „Како да им обезбедиме модерна контрацепција на младите во Македонија“ во организација на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражувања - ХЕРА, а по повод 26 септември - Меѓународниот ден на контрацепција. Од ХЕРА истакнаа дека овие податоци покажуваат дека треба да се преземат конкретни мерки од страна на соодветните институции за да се реши тоа прашање, односно да се зголеми бројот на девојки и жени кои би употребувале модерна контрацепција.
Според програмскиот координатор за млади во ХЕРА Даниел Калајџиевски, потребата од зголемување на употребата на модерна контрацепција претставува само еден важен дел од сексуалното и репродуктивното здравје на младите.
- Целта на конференцијата е да ја актуелизираме важноста на прашањата поврзани со употребата на модерната контрацепција кај младите во Македонија,истакна Калајџиевски.