Македонски средношколци се закитија со медали во Сараево

Средношколците Климент Серафимов, Бојан Серафимов, Васил Кузевски, Филип Беџовски и Росица Дејановска придружувани од м-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство ја претставија Македонија на 21. Балканска олимпијада што пред неколку дена се одржа во Сараево. Македонците освоија еден сребрен и два бронзени медали.

- Ова е досега најголем успех постигнат од македонски ученици на натпревар по информатика. Учениците во конкуренција на свои врсници од 10 балкански земји покажаа и докажаа дека и во Македонија има потенцијал и оти имаме исклучително интелигентна младина. Докажаа дека нашиот образовен систем е квалитетен и треба да се развива и понатаму. Само со учење и упорност може да се стигне до индивидуален и колективен успех, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Според Ристовски, нашите информатичари се млади луѓе кои имаат визија и знаат дека иднината е токму во оваа дисциплина. -Како Влада продолжуваме и понатаму да инвестираме во подобро и поквалитетно образование, за интезивно воведување на информатиката како задолжителен предмет во училиштата. Дополнително и проектот „Компјутер за секое дете“, како и изучување на информатичката технологија и ракување со компјутери од најрана возраст, рече Ристовски.

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска оцени дека постигнатиот успех на учениците е и потврда за вложувањата на Владата во развојот на информатичкото општество.

- Под менторство на професорите од Здружението на информатичари, нашите олимпијци посветија многу часови на анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање, рече Арсовска Томовска.

Учениците за постигнатиот успех добија благодарници, како признание од Владата и МОН.

25.09.2013 - 16:12
Фото: 
МИА

најчитано сега