Вуљаниќ: Ќе се борам Македонците да имаат исти права како Грците во Албанија!

Новиот известувач за Албанија од Европскиот парламент, хрватскиот европратеник Никола Вуљаниќ, порача дека ќе се бори македонското малцинство во оваа земја да ги ужива сите права и да биде третирано како грчкото, пренесе МИА.

Хрватскиот европратеник изјави дека ЕУ е унија на граѓани, а дури потоа унија на нации, па затоа според него, не може една земја што сака да влезе во Европската унија да ги третира различно малцинствата.

- Во неколку разговори што досега ги имав со албанските власти, го поставив прашањето за правата на македонското малцинство. Тешко можам да поверувам дека таков проблем воопшто постои, па затоа ќе инсистирам и во иднина да се реши истото. Тоа е нешто што Албанија, ако не го решила, ќе мора да го реши. На пример, јас прочитав и слушнав во разговорите со властите во Албанија дека тие права со грчкото малцинство се средени на задоволувачки начин и се разбира дека истото мора да се направи и со македонското национално малцинство, вели Вуљаниќ во изјава за МИА.

Хрватскиот европратеник, смета дека едно од клучните прашања што секоја земја мора да ги одговори пред да стане кандидат за членство во ЕУ е положбата на националните и другите верски малцинства во својата земја.

- Посериозниот влез на Албанија во европските интеграции, како добивање кандидатски статус, пред се е важно за Албанија. Но, не само за неа. Албанија е земја што се наоѓа во средината на Западен Балкан и во сите на неа соседни земји, албанското малцинство е пропорционално позначајно, како во Грција, така и во Македонија, Црна Гора, Србија и Косово. Влезот на Албанија во статус на кандидат ќе означи престанување на каква-било можност за судир околу границите, положбата на малцинствата во земјите и поинаков пристап на самата Албанија кон малцинствата,потенцира Вуљаниќ.

Најавувајќи дека ЕП ќе донесе Резолуција со препорака Албанија да стане земја-кандидат за членство во Европската унија, Вуљаниќ, сепак прецизира дека Европската комисија, која секогаш е внимателна и мора да биде таква, ќе постави некои услови и нема веднаш да се согласи на промена на статусот на Албанија.

Според Вуљаниќ, мора да се најде решение за прашањето за името.

- Македонија ги исполнува условите. Земјата има позитивно мислење во сите аспекти, од економски до правосудните реформи. И сега, поради ваквата причина, која не е суштинска, се кочи целиот процес, вели тој, додавајќи дека нема друг начин отколку да се седне на маса, можеби со медијатор од Европската унија или Комисијата, Советот или Парламентот, и тој медијатор да предложи решение што и двете страни ќе ги направи еднакво незадоволни и задоволни.

За тоа дали во него лично, како член на АФЕТ при Европарламентот, како и во Хрватска воопшто, Македонија може да смета на поддршка во евроинтеграциите, 64-годишнито хрватски лабурист од редовите на европската левица со сентиментален одговор:

- За тоа воопшто и не станува збор. Јас, лично, никогаш не сум ја гледал Македонија како странство. Македонија ја гледам како земја каде доаѓам како домаќин и не се чувствувам како странец. Се разбираме јазично, имаме ист менталитет, па дури и гестикулации, имаме заедничко минато и затоа не е под прашање хрватската поддршка во Унијата на Македонија. Но, реално, во овој момент тоа не значи нешто. Одлуката на Европскиот совет во однос на проширувањето мора да биде едногласна. Да имате 100 пријатели и само еден кој мисли поинаку од Вас, тој ја спречува целата работа. Хрватска тоа на свој грб го научи на груб начин, оти не запре Словенија со кој имаме роднини односи, моите баба и дедо се Словенци, јас имам и словенечка крв, живеам на 20 километри од границата со нив, која никој од нас и не ја гледал дека постои. Но, ниту нас кога не блокираа, никој не можеше да ни помогне. Ниту нашиот голем пријател Германија, искрен е Вуљаниќ.

25.09.2013 - 13:23
Фото: 
новини.мк

најчитано сега