Македонски лекари ќе се обучуваат во Медицинскиот центар Принстон

Владина делегација предводена од шефот на Владата на Македонија, Никола Груевски, е во неколкудневна работна посета на САД. Во рамки на посетата, премиерот заедно со министерот за здравство Никола Тодоров, остварија посета на Медицинскиот центар Принстон и договорија соработка со американските лекари.

Делегацијата имаше средба со менаџерскиот тим на Центарот и присуствуваше на презентација на изградениот нов објект, неговата инфраструктура, опременост и протоколи за третман на пациентите, а беше потпишан и  Меморандум за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Медицинскиот центар Принстон за размена на искуства. Со помош на потпишаниот договор,  македонски лекари и останати медицински лица ќе присуствуваат на обуки во Принстон каде ќе се усовршуваат за разни медицински техники и методи во работата.

 Ова е една нова тура, која што ја правиме во повеќе болници во американски градови и потпишуваме меморандуми за соработка. Завршувајќи со овие посети во рамки на овој престој во САД ќе имаме вкупно 14 болници со кои имаме воспоставено соработка само во Америка, а има други и во Европа. Се работи за една сериозна бројка на медицински центри каде што нашите лекари веќе почнаа да доаѓаат на обуки како што се обуките во Хјустон, Лос Анџелес, Детроит. Сега потпишуваме со нови болници, во центри каде што наши лекари ќе доаѓаат и ќе добијат обуки за нови методи на работа кои не се применуваат во Македонија. Од Принстон ни ги опишаа сите аспекти на оваа болница. Тие имаат новоизграден објект на  болницата, и тоа беше корисно како искуство и од аспект на градбата на новиот Клинички центар во Скопје, изјави премиерот Груевски.

Според македонскиот министер за здравство, оваа соработка ќе даде дополнителен квалитет на заложбите за едукација на лекарите од нашата земја.

- Потпишавме Меморандум за соработка, кој што ќе овозможи нашите доктори од Македонија да добијат одличен тренинг овде во престижниот Медицински центар Принстон. Очекувам дека размената на искуства, знаења и вештини кои нашите лекари ќе може да ги стекнат тука и потоа да ги применуваат во Македонија, да влијае сериозно и позитивно на подигнување на квалитетот на здравствената заштита во нашата земја. Воедно, ќе оди во правец на поставување на Македонија како еден од регионалните лидери во здравството не само во поглед на инвестициите во инфраструктура, туку и во поглед на инвестициите во човечкиот капитал кон кои сме насочени, истакна Тодоров.

И директорот на Медицинскиот центар Принстон, Бери Рубнер, изрази задоволство за потпиувањето на договорот за соработка меѓу лекарите од Македонија и САД.

Владината делегација денеска во Чикаго ќе посети нови медицински центри на кои ќе се договара идната соработка.

25.09.2013 - 12:12
Фото: 
Плусинфо

најчитано сега