Само МПЦ не може да го реши проблемот со епархијата во Австралија

 

Единствено Македонската православна црква-Охридска архиепископија има најмногу турбуленции со епархиите во дијаспората, конкретно со црковните општини на австралискиот континент, за разлика од црквите на останатите православни цркви што го развиваат духовниот живот во странство.

Повеќе децениската голгота меѓу верниците и австралиско-новозеландската епархија ги надминала и недоразбирањата што ги имале православни цркви, како Српската православна црква, Бугарската, Грчката, Украинската, Романската или Антиохиската со верниците и со законите во Австралија.

Нерешениот статус на австралиско-новозеландската епархија на МПЦ и владиката Петар до толку ги рабранувале состојбите, што некои свештеници морале да побараат работа и да служат во други православни цркви во Австралија.

Познавачите на состојбите со црквите во Австралија потенцираат дека македонските црковни општини, како и црквите на останатите православни земји во дијаспората имаат специфичен карактер.

Велат дека тоа се заедници чија матица е црквата. Тие центри ги обединуваат македонските иселеници. Но, црквата и луѓето кои ги создавале овие центри мораат меѓусебно да ги разграничат своите ингеренции.

Македонските верници во Австралија, пак, оценуваат дека ова е невиден македонски парадокс.

- Епархијата на СПЦ во Австралија функционира на ист начин како и нашата. Ние дури го предлагаме моделот на регистрирање на епархијата на МПЦ, како тој што веќе го применуваат останатите православни цркви во Австралија-вели Игор Аврамовски Александров, претседателот на Здружението на македонските црковни општини во Австралија.

Според него, целта е конечно да се регистрира Македонска православна епархија како правно лице во Австралија, во согласност со Член 172 од Уставот на МПЦ и актуелните законски обврски на регистрираните Македонски православни општини во Австралија.

- Мора да се потенцира и дека г. Тимотеј е назначен како администратор на црковни храмови без епархија. Познато е дека во Уставот на МПЦ-ОА не постои функција или механизам за регулирање на такви односи меѓу владика и црковни општини. Синодот сеуште не одлучил дали да ја подели австралиската епархија на две епархии или да го смени г. Петар и да се регистрира само една епархија со сите храмови. Затоа и г. Тимотеј е администратор без епархија и без епархиски устав кој правно ќе ги регулира неговите ингеренции-додава Александров.

Ваквата состојба, коментираат верските аналитичари, ја допринеле и двете страни со непроменлици ставови, односно на владиката Петар и на претставниците на црковните општини. Но, и покрај назначувањето на уште еден надлежен администратор, г. Тимотеј се стои во место. Тој се уште не ја посетил Австралија, а останува неизвесно дали тоа ќе го направи откако минатата недела беше нарушена неговата здравствена состојба и мораше неколку дена да остане во болница.

 

Веќе е познато дека речиси никој од владиците во Синодот на МПЦ, не сака јавно да коментира, ниту пак да дава какви било сугестии и решенија за проблемите во епархијата.

 

Досега верските аналитичари неколку пати нагласија дека ова е последица на немањето слух на Синодот за сериозноста на проблемот, исто како и на немањето веројатно волја да се затворти ова децениско прашање.

- Најмногу страдаат обичните верници. Ние, во Македонија не можеме да ја разбереме суштината на тамошниот црковен спор, зашто во Австралија црковниот живот се одвива на друго ниво, односно во црквата се одвива општествено културен и забавен живот-додава аналитичарот Цане Мојановски.

 

Смета дека целиот проблем е всушност поради специфичноста на австралиското општество и неговиот однос кон верските заедници.

24.09.2013 - 23:07

најчитано сега