Иванова: Ги префрлив парите во Монако за да инвестирам во странство

 

Вера Иванова, сопственичката на “Диамед Македонија”,  за НОВА потврди дека и се блокирани двете сметки- нејзината приватна во Тутунска банка и втората-странска, која се води на правно лице во Монако.  

- “Диамед Македонија”  на почетокот на месецот беше продадена на шведската фирма “Дијаверум”, a целата работа „букна“ кога Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара запирање на финансиските трансакции на сметките во Монако. Блокирана ми е личната сметка во Тутунска банка и странската која се води на правно лице, за што досега никој не ме известил. Дека се блокирани трансациските открив  дури кога отидов да платам данок за купопродажбата на фирмата Дијаверум“ изјави Иванова за НОВА.

Иванова не негира дека значителен износ од парите се префрлени во Монако, на сметка на нејзината фирма и како што вели, тоа го направила затоа што планирала да инвестира надвор од државата.

И од адвокатското друштво Давидовиќ-Јанковиќ, кои се правен застапник на Иванова тврдат дека досега не добиле Решение од Основен суд 1 со образложение зошто се блокирани сметките.

„Иако пративме Барање, досега не ни е издадено Решение од судот за да можеме да доставиме  Жалба“, изјави за НОВА Звонко Давидовиќ, правен застапник на Иванова.

За потсетување, пред 4 дена ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека е оформен предмет, а надлежниот јавен обвинител дошол до сознанија дека правното лице – концесионер на Центрите за дијализа е отуѓено, а финансиски средства во значителен износ се префрлени на сметки во Монако.

Со години се шпекулира дека вистинскиот сопственик на Диамед Македонија е всушност Ристо Новачевски, венчалниот кум на екс премиерот Груевски од неговиот прв брак, а Иванова се води како официјален соптвеник во документацијата. Диамед Македонија е фирма го доби тендерот за дијализа во девет центри, а со нив треба да стопанисува до 2034 година. Останатите центри на тендерот ги доби фирма на Орце Камчев, пишува НОВА.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.11.2018 - 17:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега