Путин: Сирскиот конфликт може да се пренесе и во земјите од поранешниот Советски Сојуз

Претседателот на Русија  Владимир Путин ги предупреди земјите од поранешниот Советски Сојуз, дека исламскиот милитаризам што дополнително е разгорен со сирискиот конфликт, може да се пренесе и кај нив.

Зборувајќи на Самитот во Сочи на шесте земји-членки на Организацијата на договорот за колективна безбедност - Русија, Казакстан, Киргистан, Таџикистан, Ерменија и Белорусија, Путин нагласи дека исламистичките милитанти кои сега се борат за смена од власта на сирискиот претседател Башар ал Асад, би можеле да ги прошират своите операции и надвор од границите на Сирија низ Блискиот Исток.

На Самитот е постигнат  договор за дополнителн аколективна соработка меѓу земјите-членки на Организацијата, со цел обезбедувањето на границата на Таџикистан кон Авганистан, по повлекувањето на меѓународните сили од оваа земја на крајот на 2014 година.

Русија, која има бројно муслиманско население и се бори против исламистите на нејзината територија во Северен Кавказ, го обвинува Запад дека во обидот за уривање на Асад од власта во Сирија, им пружа помош на милитантните исламистички бунтовници не размислувајќи за потенцијалните последици.

На Самитот во Сочи, рускиот претседател го посочи и најновиот терористички напад во Најроби, како пример за опасноста од можното префрлање на терористите и на тероризмот од една во друга земја

24.09.2013 - 09:35