Кој е виновникот за потонувањето на бродот „Коста Конкордија“?

За несреќата на бродот „Коста Конкордија“ која се случи кај осотровото Џилио, капетанот Франческо Скетино го обвини кормиларот, тврдејки дека тој не ја разбрал неговата наредба во решавачките моменти пред да удрат во подводните карпи.

Во Судот во градот Гросето во италијанската провинција Тоскана, Скетино изјави дека неговиот помошник офицер и кормилар од Индонезија, го насочил големиот брод директно кон опасните карпи, наместо да оди подалеку од нив.

- Наместо в лево, како што му кажав на мојот кормилар, тој бродот го насочи погрешно, в десно, изјави обвинетиот капетан Скетино на продолжението на судењето, што се одржува по долгата пауза во текот на летните месеци.

Поморските експерти  кои на судењето учествуваат како сведоци, сепак, не ја прифаќаат одбраната на обвинетиот капетан, објаснувајќи дека и да не се случела „грешката“ на кормиларот, бродот „Коста Конкордија“ ќе удрел во подводните карпи.

Индонезискиот кормилар е еден од петмината офицери помошници на капетанот Скетино кои, исто така, се соочија со судење за поморската несреќа. Кормиларот се договори со судот да ја признае вината, за да добие помала казна, по што уште пред летните одмори беше осуден на 20 месеци затвор.

Минатата недела бродот тежок 115 илјади тони, прво беше успешно одвоен од карпите, а потоа и исправен, откако од 13 јануари минатата година остана да лежи навален и полупотопен покрај брегот на Џилио. Операцијата за извлекување на „Коста Конкордија“, во која учествуваа 600 лица, чинеше околу 600 милиони евра.

24.09.2013 - 09:33

најчитано сега