Се наближува сезоната на грип - еве како да се заштитите

 

Во пресрет на сезоната на грип која се очекува да почне од октомври-ноември, сите субјекти треба да ги преземат сите потребни мерки, а образовните институции да преземат мерки во однос на зголемена хигиена во училиштата, дезинфекција и дезинсекција на просторот и почесто проветрување.

Министерството за здравство препорачува децата кои имаат симптоми на болест да не одат во училиште, да се лекуваат во домашни услови за да се спречи ширење на инфекција во училиштата, истакна денеска на прес-конференција Јованка Костовска, раководител на Сектор за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство.

Костовска посочи дека сите ризични групи (постари лица над 60 години, хронично болните, децата од шест месеци до 5 години, бремени жени и здравствени работници) кога ќе почне вакцинацијата против грип (од 10 до 15 октомври) веднаш да се вакцинираат и навреме да си го заштитат здравјето.

- Се препорачува децата да внимаваат повеќе на личната хигиена, да мијат раце пред консумација на храна, по одење во тоалет, да пијат вода од соодветен сад, а не од рака. Доколку некое дете кашла, кива, има температура, не се чувствува добро, треба да се пријави на класниот раководител. Се препорачува децата да јадат здрава храна, овошје, зеленчук, витамини и да избегнуваат консумација на брза храна, рече Костовска.

Таа нагласи дека никогаше не може точно да се предвиди кој тип вирус ќе циркулира.

- Според анализите направени минатата година, во Европа, Африка и Азија доминираше H1N1, малку повеќе од H3N2, меѓутоа во Северна Америка и Јужна Африка доминираше H3N2. Во останатите земји доминираат и двата типа вируси. Во Европа од испитаните само 13 се позитивни изолирани на вирус на грип, тестови од кои 11 - H1N1, два H3N2. Се уште сме надвор од сезоната на грип, додаде Костовска.

23.09.2013 - 14:40
Фото: 
Денешен

најчитано сега