Ограбувале хотели, трафики, билетари и работилници - млади скопјани краделе што им дошло при рака

Неколку скопјани си заработија кривични пријави бидејќи краделе што им дојде при рака на повеќе локации во Скопје.

Се работи за 19-годишниот М.М. 18-годишниот Б.Х. и 18-годишниот А.С. кои работеле со помош на  32-годишниот Д.Д. од Скопје и 24-годишниот А.А. од Тетово кои успешно ги прикривале, и така се стекнале со 312.460 денари.

12 од кривичните дела биле извршени од 11 јули до 19 август годинава  претежно во ноќните часови, во објекти на неколку улици околу Бит-пазар („Христијан Тодоровски-Карпош“, „Лазар Танев“, „Решат Џафер“, „Градиште“, „Џон Кенеди“, „Евлија Челебија“, „Цветан Димов“ и булеварот „Крсте Мисирков“).

Од 12-те кривични дела во тој реон, четири се тешки кражби во продавници, три во трафики, две во угостителски објекти, две тешки кражби  во обид во останати објекти (работилница, билетара) и една кражба во хотел.

- Од продавниците и тобако-киосците сторителите претежно одземале разни видови цигари, алкохолни и безалкохолни пијалаци,  чоколади, грицки, СИМ-картички, пари...,  а пак во кражбата од хотел „Султан“ од рецепцијата, додека немало никој, одзеле лаптоп и 16 мобилни телефони, соопшти МВР. 

Четири кривични дела сторителите ги извршиле на територијата на општина Чаир, на улиците „Босна и Херцеговина“, „Црвени брегови“ и „Бетовенова“.

- Пријавените најчесто со прескокнување на терасата и со употреба на погоден  предмет - хебла  делувале  помеѓу  рамката и крилото од балконската  врата по што влегувале внатре во домовите, вршеле пребарување и претурање. При кражбите од становите и куќите одзеле телевизор, компјутер марка ХП, рачен часовник „Касио“, бижутерија и пари, информира МВР.

 

 

 

22.09.2013 - 13:13