СДСМ: 80 херои презедоа одговорност за иднината на Македонија, патот кон НАТО и ЕУ е расчистен, сите да се приклучат

Собранието донесе историска одлука со која Македонија избра иднина наместо изолација. Патот кон НАТО и ЕУ е чист, а за тоа најголема заслуга имаат граѓаните, но и 80те пратеници во Собранието на Република Македонија кои низ демократска постапка им кажаа стоп на поделбите и ја поведоа Македонија кон национално обединување, се вели во соопштението на СДСМ.

„Мицкоски, Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ синоќа уште еднаш потврдија дека се антизападни и антимакедонски партиски фигури кои на Македонија и носат само зло, криминал и сиромаштија. Граѓаните и огромното мнозинство во парламентот му свртеа грб на злото предводено од Мицкоски. Македонија одбра да продолжи по патот на интеграција и сојузништво. 80 пратеници слободно и по сопствено убедување гласаа за иднина во ЕУ и НАТО“ велат од СДСМ.

Тие додаваат дека поразениот Мицкоски мора да престане со притисоците и сеењето страв и ќе мора да ги тргне, како што велат од СДСМ, своите режимски раце од сите пратеници во Собранието.

„Сега се создадени услови за уште поголема поддршка во Собранието за патот кој Македонија го избра, а тоа е спроведување на договорот од Преспа и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ. Овој пат заслужува поддршка од сите пратеници во Собранието зашто подразбира економски просперитет, држава по европски правила и национално помирување помеѓу политичките фактори и помеѓу граѓаните. Надлежните институции имаат обврска да ги заштитат пратениците од сите закани и притисоци кои ги прават Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“ се вели во соопштението на СДСМ.

Како што велат од владејачката партија, граѓаните го препознале и го поздравиле овој историски чекор на 80те пратеници што обезбедува помирување и национално обединување околу врвните државни интереси.

„Македонија се помирува, Македонија се обединува надпартиски и надетнички, 80 херои ја презедоа одговорноста за овој неповратен историски исчекор за иднината на земјата, време е сите да се приклучат“ се вели во соопштението на СДСМ.

 

 

 

20.10.2018 - 09:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега