Алијансата на Албанците не ја отфрла можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ
Доколку во Собрание не се добие двотретинско мнозинство за да се изгласааат уставните измени, Алијансата на Албанците не ја исклучува можноста да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Предуслов е да победат во македонскиот, односно албанскиот блок, а потоа и да имаат исти приоритети и поглед кога е во прашање иднината на државата, објави „Независен весник“.
„За нас во оваа фаза е важно да се вложат сите политички напори, за да се постигне потребниот консензус на политичките парламентарни партии, и потребното двотретинско мнозинство во Собранието за уставни промени за преспанскиот договор. Но и доколку се постигне потребниот консензус за целиот политички спектар по уставните измени, земјата мора веднаш да оди на предвремени парламентарни избори. На процесот треба да му претходи пржинскиот модел заедно со чистење на изборните листи од фиктивните гласачи, завршување на дебатата за изменување и дополнување на Изборниот законик, како и спроведувањето на пропорционален изборен систем со отворени листи. Бидејќи во оваа фаза има недостаток на време, дебатата за бројот на изборните единици треба да биде завршена во еден друг момент, а итно да се реши проблемот со изборната единица 6, која има 10 отсто повеќе гласачи од другите изборни единици, а тоа е во спротивност со Уставот и Законот за избори. Алијансата за Албанците предлага Дебар и Кичево како територии целосно да поминат во изборната единица 5“, брифираат од Алијансата на Албанците.
Оттаму се уште размислуваат дали ќе влезат во предизборна коалиција со делот од Беса кој не е дел од Владата.
„Како приоритет останува нашата определба и политичката заложба за земјата што поскоро да чекори кон НАТО и ЕУ. Исто така, сметаме дека во име на внатрешна кохезија треба да се почитуваат и усвојуваат барањата на албанските гласачи, кои уште повеќе ќе ја демократизираат Македонија и ќе ги забрзаат евроатлантските процеси. За каква било соработка по изборите со СДСМ, или ВМРО-ДПМНЕ, во случај на победа на Алијансата за Албанците, можна е коалиција со победникот од македонскиот политички блок ако ја прифатат нашата платформа и програма“, посочуваат од Алијансата на Албанците.
Но, и БЕСА на Биљал Касами не ја отфрла можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, но велат дека се уште е рано да се зборува за тоа.
„Да видиме прво дали ќе дојде до изгласувањето на уставните измени. Доколку не, подготвени сме за избори. Во овој момент не сме размислувале за постизборна коалиција“, велат од партијата.
Тие ја отфрлаат можноста за предизборна коалиција со СДСМ оценувајќи дека секоја коалиција на СДСМ со која било албанска партија, без да ги заокружи уставните права на Албанците како еднакви граѓани во Македонија, би била штетна за интересите на Албанците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа