Министерството за образование ќе додели 716 стипендии за Ромите средношколци

Министерството за образование за учебната 2013/2014 година ќе додели 716 стипендии за средношколци Роми, од кои 470 во месечен износ од 2.200 денари се за учениците кои имаат најмалку 3.5 просечна оценка, а 246 стипендии од по 1.500 денари се за тие што имаат успех од најмалку 3.

- Со проектот кој ќе се реализира петта година по ред, опфатени се ученици-стипендисти од 84 училишта во 28 општини во Македонија и се одвива во три фази - стипендирање, менторство и туторство, рече на прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Во текот на целата учебна година за средношколците Роми е обезбедена и менторска помош - дополнителна поддршка на овие ученици за совладување на наставниот материјал по предмети кои им се тешки. Оваа учебна година ќе бидат избрани најмногу 120 ментори, со месечен хонорар за ангажманот од 3.000 денари. Ристовски посочи дека право да аплицираат на Конкурсот имаат сите  предметни наставници од јавните и од приватните средни училишта во Македонија.

Буџетот за стипендирање на средношколците Роми е обезбеден по 50 отсто од Министерството за образование и наука и од Ромскиот образовен фонд од Будимпешта.

 

21.09.2013 - 12:36
Фото: 
Региони.мк

најчитано сега