Македонскиот водител проговори: Ирена ме изневери, жртвував многу, а добив една животна лекција

 

-Нема потреба да се крие вистината, по цели 12 години ставивме крај на врската со Ирена. Никогаш не сум сакал премногу да се експонирам по медиуми, но ете, овој период за жал сум актуелен во многу портали – вака ја започна својата приказна ТВ водителот, уредник на забавна програма во МРТ и поранешен уметнички директор на Фолк фест Валандово, Орце Гелевски, за „Фокус“.

Тој и фолк-пејачката Ирена Спасовска важеа за еден од најскладните парови на естрадата, а веста за нивната разделба ги изненади сите.

-Долго молчев на темава. Решив да проговорам сега и да ставам крај на ова поглавје во мојот живот. Време е да се свртиме кон нови, поведри теми во иднина. Во врската со Ирена вложив многу. Оставив зад себе сопруга и две деца, и се посветив максимално, верував дека ќе ми биде возвратено со иста мера, со љубов и посветеност. Но, ете животот ме демантираше. Ова ми беше животна лекција која скапо ја платив, но продолжувам напред, посветен на работата, на синовите, на внуката. Не ме прашувајте која е причината поради која се разделивме, доволно се објави во порталите на таа тема. Да, неверство, но не од моја страна. Не сакам повеќе да се навраќам на тоа што било и поминало, само ќе кажам дека јас имав голема верба во нашата врска, во која што влегов со искрени емоции. Жртвував многу, а добив една животна лекција – раскажува водителот, кој моментално е актуелен со емисијата Фолк џубокс на МРТ.

Додава дека не е човек кој што сака да биде во центарот на вниманието, и како е вознемирен од сите шпекулации поврзани со неговиот приватен живот.

-Не само јас, туку и моето семејство се вознемирува од разните пишувања во врска со мојата приватност. Пред извесно време имавме семејна веселба, на која присуствуваше и мојата поранешна сопруга, мајката на моите синови, и веднаш почнаа приказните дека сум се вратил кај неа. Сакам остро да го демантирам тоа. Ние двајцата имаме деца, внука, нормално е дека заедно присуствуваме на семејни средби, и секако дека сме во коректни односи, како што доликува за двајца цивилизирани и возрасни луѓе. Ова беше еден лош период кој го оставам зад себе и се надевам дека јавноста ќе има разбирање и ќе ја почитува мојата приватност – ни изјави Гелевски.

 

 

 

26.09.2018 - 15:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега