Сопартиец на Палчо сведочеше: Во собата каде што спиеше Палчо видов пиштол, а Кешишов и Манев имаа поданички однос со него

 

Сопственикот на „реното кангу“ кое беше користено во грабнувањето и убиството на Вања и Панче сведочеше пред судот. Ѓорѓи Џолев, член на партијата Десна и претседател на Централниот комитет на партијата пред судот кажа дека го известил Палчо веднаш кога бил повикан во полициска станица од секторот за крвни деликти и му кажал дека е повикан поради возилото Рено Кангу кое претходно го дал на користење на партијата.

-Го известив Палчо преку Телеграм дека сум повикан во полиција. Му кажав дека и сопругата е повикана од крвни деликти поврзани со колата Рено Кангу, сведочеше Џолев.

Комуницирал со Палчо додека возел кон полициската станица.

-Во полициската станица ме прашуваа дали сме сакале да ја дестабилизираме земјата. Ме прашуваа за комуникацијата со Палчо и како сме комуницирале во партијата, сведочеше Џолев.

Возилото го отстапил на партијата и се користело за преселба на партиски штаб.

-Тоа возило немаше кој да го оддржува. Две -три години го возеше член на Десна, но замина во странство. Кога требаше да го селат штабот, го понудив возилото да го користат од партијата за селењето. Ми беше подобро некој да го вози, затоа го отстапив, го дадов возилото на располагање, без никаков услов. Им го дадов во септември 2023 година, зошто заминав за Исланд, сведочеше Ѓорѓи Џолев, кој што рече дека е пријател на Љупчо Палевски и бил претседател на Централениот комитет на Десна.

Тој раскажа дека Палевски имал чуден однос со двајцата обвинети, Влатко Кешишов и Велибор Манев.

-Ми беше чуден нивниот однос, беше поданички. На пример, кога ќе им беше зборувано со повисок тон, тие не враќаа, не влегуваа во расправи со Палчо, сведочеше сведокот, појаснувајќи дека тој однос на Влатко и Велибор му изгледал како умилкување кон Палчо, никогаш не ги видел да се скараат.

Дополни дека Кешишов практично живеел во штабот, таму спиел, варел кафе, правел ручек и го шетал кучето.

Тој, на прашање на обвинителката, истакна дека видел пиштол во штабот, во Кисела Вода, во собата во која спиел Палчо.

-Да, видов пиштол во штабот кај Шампионче. Стоеше на маса, во собата каде што спиеше Палевски, видов пиштол во футрола. Не знам чиј беше, но претпоставувам дека беше на Палевски, рече сведокот.

 

13.11.2024 - 11:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега