Груевски: И Зоран Заев си создаде октопод како оној на Црвенковски
Случаите со тендерите во Струмица што ги добивале членови на најблиското семејство на лидерот на СДСМ и градоначалник на општината Зоран Заев потсетуваат на октоподот на Бранко Црвенковски.
Ова денеска го изјави македонскиот премиер Никола Груевски по пуштањето во употреба Лабораторија за изучување странски јазици и преведување и толкување на Филолпшкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје.
- Гледам дека секојдневно излегуваат информации во јавноста за тендери на Општина Струмица коишто ги добивале луѓе од неговото, пред се, роднинско опкружување. И малку е чудно што целата негова одбрана се движи во правец дали е тоа законски или незаконски, кога денес излегува дека татко му и чичко му зеле тендер, утре излегува снаата, задутре стрината и којзнае уште што ќе излезе. Од тој аспект се прашувам дали ако стрината, снаата, татко или не знам кој на Меркел или на Камерон или на Франсоа Оланд така масовно добиваа тендери во нивните земји, дали таму дебатата би била дали е тоа законски или незаконски или би имало некоја друга дебата, рече Груевски.
Груевски рече дека се прашува „со кој памет Заев се нафаќа да биде лидер на најголемата опозициска партија“ кога вакви работи си правел за себе.
- Тоа е чудно кога гледам како излегуваат вакви работи во јавноста, како тендерите ги добивале луѓето од неговото семејство и некако целиот процес прераснува и ме потсетува на времето кога Бранко Црвенковски имаше еден октопод. Сега ова е помал октопод на локално ниво којшто очигледно е поврзан со градоначалникот, бидејќи голем дел од тендерите на општината или на луѓето што тој ги назначува за директори ги добиваат практично блиски негови роднини, рече денеска.
Груевски ги оцени како чудни тврдењата на Заев дека тендерите ги потпишувале директори на општински институции.
- Чудна е, исто така, поентата дека директорот на градинката или на некоја општинска установа го потпишал тендерот, а не самиот градоначалник кога ја знаеме улогата на назначувањето на тој директор од страна на градоначалникот. И на крајот излезе дека и самиот градоначалник и директно од Општината има добиено тендери на фирми во сопственост на членови на неговото потесно семејство. Прилично чудна ситуација, рече Груевски.