СДСМ: Каде нашла Јанкулоска стан од 214 квадратни метри за 140.000 евра?
Портпаролот на опозициската СДСМ, Петре Шилегов на денешната прес-конференција истакна дека Антикорупциската комисија не и помогнала, туки, како што рече, уште повеќе и наштетила на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со нејзините анкетни листови.
- Каде во Скопје, во централно подрачје, 214 метри квадратни чинат 140 илјади евра? Помалку од 700-тини евра по квадрат?! Во Центарот на Скопје?! Ова би била корисна информација за граѓаните бидејќи и тие сакаат да купат евтини станови. Значи, каде и од кого со 140 илјади евра може да се купат два стана, од 114 и од 95 метри квадратни?, праша денеска Шилегов.
Шилегов праша и како Јанкулоска успеала да добие кредит од 100 илјади евра, со државна плата од 60-тина илјади денари, и доколку навистина го има, како го враќа со две плати од државна администрација, кога, како што рече, за толкав кредит ратата не е помала од 80 илјади денари месечно. Тој праша и каде е објавена информацијата за кредит од 100.000 евра.
Од СДСМ ги повикуваат институциите објективно да го разгледаат случајот на Јанкулоска.