Мицкоски: Не може аболицираниот Заев да се прикажува за европеец кога бараше поткуп

 

Драги браќа и сестри, Ако не се извлече поука од историјата која веќе еднаш се случува како трагедија, тогаш нејзината реприза е фарса, а ќе се согласите дека македонскиот народ поминал низ многу историски премрежја од кои ние како народ и држава треба да излеземе посилни, помудри и поискусни, рече денеска лидерот на опозицијата, Христијан Мицковски.

Денес, тука од преубавото Кичево можам да заклучам дека Македонија е на таков крстопат, а повеќето патишта се погрешни, дел од нив завршуваат со слепа улица, а друг дел одат директно во провалија. А само од нас зависи кој пат ќе се одбере, и нема многу можности затоа што вистинскиот пат е еден. Но пред да ја донесете таквата одлука, пред да се решите за што сте и кој правец ќе го одберете, мора да знаете дека следува исклучителен период, би рекол период на специјална војна каде невистината ќе се прикажува за вистина, црното ќе се продава како бело, период на оцрнување на личности и нивно компромитирање, време кога ќе се ветува се и сешто, за да им помине замисленото.

Време кога ќе се омаловажува, ќе се сака да се влее зајадлив црв на сомнеж во секоја нова искра надеж. Ќе се занимаваат со нас, со теми кои се бледи, кои се само отргнување од реалноста. Ќе се силат, ќе се удираатт во гради, ќе велат дека водат убедливо на анкетите, не со 3 туку со 30 проценти разлика, иако реалноста е друга. Иако се до гуша фатени во криминал ќе велат дека се за НАТО и ЕУ, ќе се колнат во иднината, како што се колнеа во дедовината, иако сегашнаста ја прават пекол. Но и тоа ќе помине и ќе дојде време кога ќе треба да се сведат сметките и да се погледнеме во очи. Ние ќе бидеме со крената глава, а други ќе бидат со наведнати глави поради неправдите направени врз својот народ. И вие добро знаете дека Македонија е се што имаме, нашиот последен остров, нашата љубов, нашите корени и иднина.

Почитувани пријатели, Она што тие сакаат сега да го напраават е да искреираат една лажна надеж, поставена на погрешни основи. Тие сакаат да верувате дека сега нешто треба да "подголтнеме", за да утре одиме напред, за да се реализира сето она што како природен порив толку многу и недостасува на нашата земја, за да во економијата ни тргне, за да здравството се подобри, образованието унапреди, земјоделието потпомогне. Тоа е исто како некој да ви даде пари за да градите куќа, но ако ги згрешите мајсторите залудно е, труло е. Парите ќе ги потрошите, дом ќе немате. Има нешто што се вели фактор време, а овие петнаесет месеци покажаа дека оваа влада ќе се запамети како убедливо најлошата. И кога така декларативно, гласно се удираат во гради, велат ЗА Европска Македонија, знаете дека со овие луѓе и нивниот капацитет всушност ви презентираат уште една голема лага во низата, како онаа за 500 евра плата, за поврат на ДДВ, за 500 км автопатишта, за зголемени пензии. Надежта за иднината која ја продаваат, за да ја манипулираат сегашноста. Докажано е дека со овие луѓе нема иднина, нема европска иднина, тоа го покажува и периодот изминат. Не може да велите дека сте за ЕУ, а државата да ви е прогласена за најкриминална во Европа и тоа да е констатарано од Советот на Европа.

Не може Заев да се прикажува за европеец, кога е фатен на дело како бара поткуп, а претходно е аболиран за случај тежок 8.5 милиони евра. Не може да велите дека сте за ЕУ кога ги гушите основните слободи и права. Ако се побуните против сечата на дрва ќе ви пратат багери да ве газат, како оние на Водно, ако политички опонирате со аргументи одма се монтира случај и ве викаат на распрашување, ако си ја сакате државата, веднаш ќе ве опфатат со случајот за 27ми, па може и терорист да испаднете. Во ЕУ нема друг случај каде пратеници, уметници и обични луѓе се во затворите и одговараат за тероризам кој не се случил, нема друга опозиција која не е толку жестоко под притисок со загрозени права и слободи. Нема случај на така брутална политичка сегрегација и поделба на граѓанското ткиво. Во Европската Унија нема афери, тендери од по 35 милиони евра кои ќе се доделуваат на фирми штотуку регистрирани, ниту пак тендери кои како ланец се префрлаат од ќерката директор, на таткото бизнисмен, или пак криминални иновации кои се параван за делење на државни пари на приватни фирми на луѓето од власта. Дојдоа на власт со приказната и злопупотребата на судбината на малечката Тамара, а сега, за нив не се бројат случаите на новите смртни случаи каде што вината наместо во институциите се префрла кај родителите.

На ЕУ и е доста од презадолжени држави. За првпат во историјата на Република Македонија со СДСМ јавниот долг надмина 5 милијарди евра, додека државниот долг надмина 4 милијарди. Во ЕУ можете да влезете и без вака штетен договор, но не можете да влезете со училишта без кров, болници без кревети, ниту пак со корумпирани институции. Во Европската Унија немате земјоделци кои се измамени. 20 илјади тони слива остануваат без пласман, лозарите имаат проблеми....власта не ги гледа нивните маки. Затоа со овие луѓе на власт Европската Унија е далечна идеја, не затоа што нашите пријатели од Европа не не сака.

Во вторникот бев во Берово, Пехчево и Крива Паланка, се среќавав со луѓето, разговаравме и сега нема да ви говорам колку тие се разочарани, колку Паланка како и другите градови се на работ на егзистенцијата, туку ќе ви кажам за еден стар дедо, кој ми раскажуваше за едно Паланечко село кое ниту една војска низ историјата не го покорила. И јас го прашувам до храбрите луѓе ли било, до нивниот голем број? Дедото на ова ми одговори не синко, тие ни пушка не испукаа, а далеку помалубројни беа од војските кои ги одминуваа, туку со две работи победуваа, со мудрост и со слога.

Нас денес соочувајќи се со еден срамен договор ни е потребна мудрост и обединетост. Леви, и десни, оние во центарот, определените и неопределените треба да знаат дека нашата земја е во прашање, и треба да се размислува рационално. Има многу луѓе што и од СДСМ не се согласуваат со ова што се случува со државата и ќе кажам дека и тие се добредојдени. Иако референдумското прашање е тросмислено, неговата суштина е договорот со Грција. Ако ме прашаат дали сте за ЕУ и НАТО, веднаш одговорам да, но исто имам подеднакво право да бидам и против договорот со Грција со кој се напаѓа нашиот идентитет и е надвор од нашите принципи. Од власта, од Заев и оној министер за надворешни работи за кого слушаме наголемо дека бара друга работа бидејќи преку оваа функција што ја има сега видовме дека ја заврши валканата работа, не слушнавме ниту еден аргумент против дека со договорот не го заштитуваме, туку губиме инситутуционалниот идентитет и дека со членот 8 од договорот кој предвидува формирање на комисија помеѓу двете држави Македонија и Грција ќе се ревидира историјата, археологијата и образованието, што практично значи дури и се да се исполни од договорот Грција ќе ја има можноста да ја блокира нашата интеграција во Европската Унија. Еве јавно ги повикувам да го демантираат аргументот дека со договорот го губиме инсититуционалниот идентитет што е компонента на националниот идентитет и дека со членот 8 од договорот престои ревидирање на историјата, археологијата и културата што е врата Грција да не блокира на патот кон ЕУ во секој момент? Вистината е дека договорот со Грција е пропратен со чувство на капитулација и себеодрекување... Не убедуваат со нарачани текстови, со скапо платени реклами, организираат лов на вештерки дома...

И сето тоа за што? Што треба да направиме? Да признаеме дека нашата историја не вреди ништо во споредба со нивната или дека е лажна и измислена? Дека нашата приврзаност со нашата традиција е празноверие? Дека нашите великани, поети, научници, писатели, спортисти, војници и херои не значат ништо од сега натаму? Дека јазикот кој светот и официјално го призна во 1977 година сега ќе биде предмет на некој член на некој договор и ќе се цензурира и ќе почнуваме се отпочеток? Повторно? По кој пат? Како да избегаме од чувството дека овој пат ќе изгубиме се... Затоа денес овде пред вас зборувам отворено и искрено, затоа што ве сметам за пријатели, а пријателите немаат тајни меѓу себе... Долго време ме мачи едно суштествено прашање. Сите знаеме што се случува во нашата татковина, ги гледаме последиците, ги чувствуваме емотивно, зборуваме за нив, пробуваме да си ги објасниме на себе и на другите...

Но, основното прашање е како се доведовме во ваква ситуација? Која е причината? Последиците ги знаеме и гледаме, но ако не ја откриеме причината, тогаш ќе продолжиме да губиме време во ублажување на симптомите, наместо да ја отстраниме причината. Мое мислење е дека голем број на политички елити досега, имаат свој придонес во разболување на македонското општество. Нашето општество боледува од непринципиелност, лаги и неостварени очекувања, пред се од девастирање на вредносниот систем.

Не е пријатно да се признае, не е убаво да се соочи човек со таква тешка и страшна констататација, но тоа е вистината.

 

 

 

02.09.2018 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега